Од 10 до 12 октомври годинава ќе се оствари сонот на милиони љубители на автомобилските трки во Формула 1, која за првпат во историјата ќе се одржи во Русија.
Договорот за одржување Формула 1 – Гран при на Русија беше потпишан на 14 октомври 2010 година во Сочи со поддршка на Владата на Руската Федерација во присуство на претседателот Владимир Путин. Таа ќе биде 16-та од 19 етапи на трките на Ф1 во сезоната 2014. Покрај Ф1 во истиот период од Гран при Русија ќе се одржат и трки на поддршка – проследени со трки од серијата GP2 и GP3 .
Гледачите и учесниците на Формула 1 – Гран при на Русија, кои ќе пристигнат во Сочи, ќе бидат пријатно изненадени од комбинација на суптропска клима, добро развиената транспортна инфраструктура, многуте одморалишта и хотели, и, се разбира, современиот Автодром Сочи – патеката на Ф1, која се наоѓа меѓу неверојатно прекрасните олимписки објекти наспроти снежните планински врвови на Кавказ.
Патеката на Ф1 во Сочи се наоѓа во срцето на територијата на Олимпискиот парк, каде беше одржана зимската Олимпијада 2014. Проектот на патеката, како и на многу други патеки на Ф1, е дело на германскиот инженер Херман Тилке. Таа е многу брза, движењето е во правец на стрелките на часовникот, средната брзина на болидите на Ф1 изнесува 215 км/ч, а на правиот дел на патеката максималната брзина изнесува 320 км/ч. Должината на патеката изнесува 5.854 м, а широчината 13 до 15 метри. Приближното време на еден круг за автомобили е 1 минута и 37 секунди. Главната трибина е со капацитет од 12.780 гледачи, а капацитетот на трибините на целата траса на патеката е 55 илјади гледачи.
Во изградбата на патеката учествуваа и специјалисти од страна на лабораторијата Hart Consult International – најпозната германска лабораторија за иновации на патишта. Патеката е изведена од три слоеви на асфалт со дебелина од 20 сантиметри. Првите два слоја се основни и се состојат од стандардни материјали – песок, чакал и битумен. Завршниот слој, на кој болидите можат да забрзаат до 320 км/ч, содржи голем број на полимерни додатоци за да се постигне посебна цврстина и одлично вклопување на тркалата со патот.
Вредноста на работите на изградба на патеката и објектите на Ф1 во Сочи изнесуваат околу 400 милиони долари.
Предраг КОЧОВСКИ,архитект. (специјално од Сочи за Порта 3)