Врз основа на урбанистичко архитектонски податоци на градежна парцела во општина Аеродром, направен е проект за Спортски центар „Јане Сандански“. Инвеститорот, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, сопственик на ЖРК Вардар, МРК Вардар и ФК Вардар, по договор за јавно приватно партнерство направен со општина Аеродром, одлучи да се направи мултифункционален центар, кој во себе ќе содржи голема спортска сала за 5.200 гледачи, мала сала за 960 гледачи, хотел со 61 соба, четири тениски игралишта со придружни содржини и потребен паркинг за нив. Покрај клубовите на Вардар, Спортскиот центар ќе биде дом и на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – „Аеродром“.
Проектот е изработен од архитектонското студио „Радо инженеринг“ – Скопје, како надзорен орган е избрана фирмата „Мегарон инженеринг“ – Скопје, а проект менаџментот е воден од фирмата „CRE Cоnstuction & Consalting“ од Белград.
Целокупната проектна документација е изработена од страна на „Радо инженеринг“, во соработка со стручни тимови и организации, спацијализирани за решавање на одредени фази од проектот.
Одговорниот архитект Ѓоко Радовановиќ со архитектот Горан Тодоровиќ и соработниците, архитектите Саво Симоски, Маја Кириќ Радовановиќ, Никола Стојиќ и Немања Стојиќ се судрија со проблематиката на специфични содржини, прописи и стандарди, дефинирани од прописите на IHF (Меѓународна ракометна федерација), EHF (Европска ракометна федерација) и FIBA (Европска кошаркарска федерација) за да се овозможи одржување на спортски натпревари од највисока категорија. Потребно беше да се задоволат сите потребни функции, тие да се усогласат и синхронизираат, а да се сочува единството и естетското доживување, и сето тоа да е економски издржано. Требаше да се добие функционална машина со карактеристики на урбана скулптура.
Главната сала е со висина од 16 метри. Висината на венецот на хотелот е 35 метри, а основните содржини се наоѓаат на нивоата -3,10; ±0,00; +0,60; +6,20.
Главниот терен е во големата сала, со габарит 58 х 28 м, и тој обезбедува сместување на сите потребни функции. На ниво на главниот терен, сместени се трибини за ВИП гости, 40 места за новинари и репортери, четири одвоени гардероби за тимови со потребните санитарии, две гардероби за судии и спортски делегати и просторија за анти допинг контрола, сето тоа според инструкциите на EHF/FIBA. Во рамките на ова ниво, предвидени се канцеларии за управата на клубот, голема теретана, простор за аеробик, велнес простор, кафе-бар, како и посебни гардероби за големата теретана. Со организација на влезовите – службен влез за вработените, ВИП и новинари, исклучена е можност за влез на публика на ова најниско ниво. Предвиден е простор за хендикепирани лица, како и адекватен број на тоалети за овие лица со посебни потреби. Под трибините се наоѓаат тоалети за посетителите, локалите, како и амбуланта наменета за посетителите.
Малата сала е вкопана на ниво -8,48 и е наменета за тренинг и помалку важни натпревари. Таа е за 960 гледачи и може да се користи независно од останатите делови од објектот, т.е. поседува посебни гардероби за тимовите со придружни содржини.
Хотелот е со катност П+7, располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски и шест „супериор“ апартмани, 28 еднокреветни, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Во склоп на хотелот има приемен хол, кујна со ресторан и сите придружни простории за нив.
Посебните функционални независни целини во рамките на објектот се: фитнес и аеробик сали, проектирани на ниво -2, на кота -6,63 со гардероби и помошни простории кои можат да бидат користени од надворешни гости. Исто така, постои аутлет за спортска опрема, фан-шоп и игротека за деца, четири тениски игралишта, две отворени и две затворени со придружни простории, според условите за одржување на ATP турнири.
Конструкција
Конструкцијата на големата главна сала е армирано-бетонска скелетна конструкција, која е составена од армирано-бетонски столбови, греди, плочи и темели. Еден дел од конструкцијата, главно плочите на ходниците и трибините се изведени како монтажно армирано-бетонски префабрикувани елементи. Кровната конструкција е челична, а распонот на челичната кровна решетка е 64,48 метри. Кровните решетки се на растојание од 6 метри и се потпираат на армирано-бетонски столбови кои ги носат и трибините. Кровната конструкција на малата сала е од челичен кутиест носач со распон од 30,55 метри. Скелетниот систем на малата сала го сочинуваат линиски носачи, поставени на растојание од 3,0 метри, додека целиот систем е предвиден да прифати максимален број гледачи на кровот на малата сала, што воедно е влезно плато за главната сала.
Применети материјали
На фасадата на големата сала и делот од хотелот се применети термоизолирани сендвич панели Kingspan со дебелина од 100 mm. Се работи за термоизолирани панели, двострано обложени со лим кој одговара на европските стандарди за ваков тип на објект.
На кровот на големата сала е користен термоизолиран сендвич панел Kingspan X-DEK, со дебелина од 188 mm. Во прашање се термоизолирани панели двострано обложени со лим, кои одговараат на европските стандарди. Овие панели одозгора се покриени со мембрана Sikaplan 15G и огноотпорно IPN јадро со дебелина од 80 mm.
Фасадата на хотелот и делови на облоги на големата сала се третирани како вентилирана фасада со фасаден алуминиумски композитен панел Mitsubishi со дебелина од 4 mm – ALPOLIC, Јапонија.
Применетото стакло за целиот објект, како заеднички именител е 6 mm Planilux Cool-lite ST 136 + 16 mm Argon 90% + 6 mm Planilux ultra N, произведен од Saint-Gobain Glass од Франција. Во прашање е рефлектирачко стакло (термо-пакет), каде што исполната помеѓу стаклата е инертен гас – аргон, што овозможува постоење на една од ретките сали со природно осветлување.
Машинство
Како специфика на објектот, како изворна топлинска, т.е. ладилна енергија, се користи подземна вода од неколку бунари, која со помош на геотермални топлински пумпи со висока ефикасност ќе се трансформира во топлинска (ладилна) енергија, потребна за греење и ладење на објектот. Потребната топлинска (ладилна) енергија, потребна за едно деноноќие на комплексот, ќе биде складирана во дневните резервоари или акумулатори на топлинска, односно ладилна енергија. Резервоарите се со зафатнина од 2.100 м³ вода, поделена во единици за користење.
Централен систем за далечински надзор, управување и автоматска регулација – ЦСДН (БМС)
Направен е систем со дистрибуирана интелигенција. Комплетниот апликативен софтвер за реализација на програмско логичко управување и директна дигитална регулација на системот во функција на време и случувања е сместен на ниво на микропроцесорски АС станици. Врз база на собраните податоци од постројките (аналогни и дигитални влезови), на ниво на АС станици се генерираат автоматски управувачки и регулациони функции (дигитални и аналогни излези), кои се проследуваат до извршните органи во постројките. Сите неопходни информации за АС станиците се проследуваат до централниот компјутер кој служи за комуникација човек – машина и реализација на хиерархиски зададени инструкции од страна на операторот или софтверот на ниво на централниот компјутер.
- Системот овозможува автоматско водење и следење и регулација на процесот на работа на технолошката целина.
- Собирање на сите битни параметри од постројките со мерење на температура, релативна влажност, притисок, аларм, приказ на работа на потрошувачот, приказ на аналогните вредности на сигналот, приказ на работните часови на моторните потрошувачи.
- Дојава на дефект на опремата, како и сензор за надминување на однапред зададените вредности.
- Архивирање на сите податоци од постројките на хард диск и др.
Електрика
Сите инсталации и системи се проектирани и изведени според строгите стандарди IHF/EHF и важечките закони и стандарди во Република Македонија.
Во големата сала, освен двата семафори, сместен е ЛЕД дисплеј со димензии 3840 мм х 2880 мм, со четири екрани, централно поставени во салата. Аголот на гледање е хоризонтален 120°, вертикален 90°. Оперативен систем Windows, контролно растојание до 150 метри.
Целиот процес на проектирање и градење се заврши во рокот, од април 2013 до август 2014 година. Покрај главниот изведувач на конструкцијата – „Гранит“, Скопје; фасада – „Интер Aл-пин“, Скопје; машински дел – „Кратер“, Скопје; електрика – „Електроунион“, Скопје; ВИК – „Фортуна“, Скопје, учествуваа и околу 60 изведувачи со над 1.600 работници.
Без добра волја, висока квалитетна професионалност на учесниците во проектот и поддршка од инвеститорот, тоа ќе беше невозможна мисија.
Ѓоко Радовановиќ, дипл.инж.арх.