Енерџи Сервисис веќе неколку години успешно стопанисува на пазарот со електрична енергија и меѓу здрава конкуренција и задоволни клиенти и соработници спаѓа во првите четири лиценцирани снабдувачи во оваа област.
Според лиценцираната компанија Енерџи Сервисис, компаниите треба добро да ги разгледаат сите понуди пред да се одлучат за снабдувач со електрична енергија. Важна е основата врз која цената и заштедата се калкулираат, стабилноста во испораката и партнерскиот однос кој ќе биде воспоставен. Самиот факт дека зад нас стои енергетскиот гигант во југоисточна Европа, компанијата Руднап, сметаме дека ни дава конкурентска предност во однос на другите компании, на општ интерес на купувачите, потенцираат од Енерџи сервисис, една од 9-те лиценцирани компании. За секој субјект кој ќе се обрати до нас ќе подготвиме табели со заштеди, тие ќе можат да ги споредат со другите понуди, и самите да проценат која понуда е најповолна за нив. Компанијата нуди можност да се набавува електрична енергија по конкурентна цена на пазарот, деловните субјекти да ги намалат трошоците и да ја зголемат својата ефикасност во работењето преку конкурентни услови за набавка на струја. Целта на компанијата е создавање на портфолио и реноме на пазарот, преку задоволни клиенти.
За дел од деловните субјекти процесот на либерализација доведе и до 30% пониски цени, но сепак процесот на енергетска оптимизација е предизвик за секоја компанија, смета Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со струја од Руднап, присутна во Македонија преку компанијата Енерџи Сервисис. Според неа процесот на снабдување со електрична енергија, не е нешто што треба да се прави на дневна основа, туку да биде долгорочно планиран, а за што е потребно добро познавање на регионалните искуства и прилики. Македонија треба да се фокусира на инвестиции во енергетските капацитети и на трансмисионите линии со соседите, а посебно со Албанија, со која и немаме енергетска поврзаност, како и на уште едно поврзување со Србија. Така би имале заштеди на системот и поефтина цена. Само така на долг рок би се создале подобри услови и би се подобрил енергетскиот биланс на земјата.
Од следната година либерализацијата започнува да важи и за граѓаните. 630. 000 домаќинства и 70.000 мали компании ќе добијат можност самите да изберат од која лиценцирана компанија ќе се снабдуваат со електрична енергија. Имено, до 15 ноември годинава, малите потрошувачи и домаќинства треба да ја изберат компанија што ќе ги снабдува со струја од идната година, а оние пак, кои нема до овој датум да склучат договор со ниту еден снабдувач, ќе останат на досегашната мрежа на ЕВН, за што ќе треба со компанијата да потпишат договори.
Веќе е извесно дека на крај на октомври во Србија се очекува да дојде до мала енергетска криза, до недостиг од околу 420 мегавати струја дневно, количина кој ќе мора да се увезе од Унгарија, Романија или Бугарија, а што ќе доведе и до зголемување на цената на струјата за домаќинствата од најмалку 10 проценти, сметаат српските енергетски експерти. Поскапувања се очекуваат и во Бугарија.
Во Македонија веќе се прават проценки и анализи како, растот на цената на струјата во соседството и очекуваната зголемена потрошувачка во зимскиот период , ќе се одрази на цената за домашните потрошувачи кои во 2015 ќе треба да изберат снабдувач.
Во моментов околу 30% од струјата се увезува, додека 70% е од домашно производство. Во вкупно произведената електрична енергија, традиционално, најголем удел имаат термоцентралите со речиси 83 отсто. Во вкупното производство на струја од обновливи извори, најголем удел имаат хидроцентралите со 16,5 отсто, па ветерните централи со 1,4 отсто и на крај соларните со 0,4 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај 2014 година, во Република Македонија, вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува 639.152 мегават-часа електрична енергија, 3.400 милиони нормални кубни метри природен гас, 643.654 тони јаглен и 72.709 тони нафтени продукти. Истиот извештај покажува дека дури 96,4 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.
Што се однесува до производството во регионот пак, лидер е Романија која лани произведе 54.320 гигават/часови струја, Грција 50.548 гигават/часови струја, Бугарија лани произведе 41.910 гигават/часови струја, а Србија 39.900 гигават/часови струја.