Насловна / Вести / Велосипедска прошетка во која се уживаше, Прилепско поле преплавено со велосипедисти

Велосипедска прошетка во која се уживаше, Прилепско поле преплавено со велосипедисти

 

01DSC_190415.09.2014 Прилеп, Македонија: Во неделата Прилепското поле се преплави не од дожд туку од велосипедисти кои уживаа во вкусни локални производи и учеа за културното наследство на Република Македонија.И покрај најавите за врнежливо време, преку 120 велосипедисти од земјава и од регионот го откриваа културното наследство низ Прилепското поле. Првата Спора велосипедска тура во Македонија помина со многу насмевки, задоволни учесници и прекрасно сончево време.

02DSC_1985

Настанот беше најавен како велосипедска прошетка, толку лесна што секој, со секаков велосипед би можел да дојде „Сметам дека оваа тура е успешна бидејќи успеавме да привлечеме луѓе кои за прв пат, денеска, јавнуваат велосипед, само за да се приклучат во уживањето. Имавме учесници кои позајмиле велосипед, а некои дури и си купија во саботата“, вели Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи. Тој додаде: „Се радувам што учесниците се задоволни и што сакаат да го видат и да ги слушнат приказните поврзани со културното наследство на Република Македонија“.

03DSC_1987
Учесниците имаа можност да ја посетат најстарата црква во Варош, Прилеп – Св. Никола; да влезат во спомен домот на најбогатиот (не парично) Македонец – Блаже Конески; да се освежат со Мивела вода збогатена со магнезиум; да пробаат локални слатки; да го посетат спомен домот на светски најдобрата гајда Пеце Атанасовски; да го видат прекрасниот фрескопис во манастирот Св. Никола, Слепче; да пробаат вистински традиционален леб од фурна Алекс заедно со прилепско биено сирење; да ја видат црквата Св. Богородица, Костинци; да се качат до манастирот Преображение, Зрзе; да го видат најстариот даб во Кривогаштани; да се најадат со паста Дона Вера; и сето тоа да го залеат со вино од винарија Брзанов. Приказните беа како шлаг на секое место каде се застана да се види нешто. Гостопримливоста и љубезноста на домаќините пак само придонесе за впечатокот да биде посилен, така во Долнени засвири гајда од мајсторот Михаил Петрески, во манастирот над Зрзе монасите понудија чај со локум, а во Кривогаштани го подготвија јадењето за да се надокнадат изгубените калории. Учесниците уживаа и ја фалеа беспрекорната организација на настанот.

04DSC_2080
Невремето во саботата и дождовите што го зафатија регионот не го спречи учеството на велосипедисти од Србија. „Патот до манастирот Зрзе и погледот оттаму ми остави најголем впечаток. Вакво нешто немаме кај нас“, кажа Владан Антиќ, претставник од ’Караван тим’ од Ниш, Србија. Караван тимот воодушевени од турата веќе се спремаат за повторна посета на Македонија на 11 октомври кога велешките велосипедисти најавуваат нова велосипедска тура со многу велешки пити (пастрмајлии).

06DSC_2101
Настанот е организиран од Здружението на граѓани Одржливи иницијативи – Скопје во соработка со Велосипедски клуб Илинден – Прилеп, а поддржан од Министерство за култура, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, општина Долнени, општина Кривогаштани, општина Прилеп, Музеј Прилеп, фурна Алекс, Сабокс Трејд, СС Система, Стефано 97, Нова Македонија и винарија Брзанов.

07 08DSC_2179

Испрати коментар

Scroll To Top