Со цел да го активира и да создаде сенка на главниот влез во Центарот за наука, истражување и настава при Државниот универизтет во Портланд, Орегон, Faulders studio ја проектира и реализира „Влезниот светлосен облак“ како постојана инсталација. Натсрешницата е изведена како поле од криви алуминиумски перки, кои ја филтрираат дневната светлина така што одржуваат еден осветлен и отворен простор под неа.
Композицијата на контурите е мешавина од мрежен аранжман со кружна фокусна точка, геометрии што креираат модел кој потсетува на „векторски временски текови, топографски контури, бран осцилации и аморфни мобилни кластери“ – како што го опишува калифорнискиот архитект Том Фаулдерс.
Скулптурата настојува да се вклучи во перцепцијата на студентите што го посетуваат Универзитетот, но исто така да го одвлече вниманието и на минувачите и посетителите, создавајќи простор на прагот кој го поврзува надворешниот свет со интелектуалната активност во внатрешноста на зградата.
„Влезниот светлосен облак“ создава визуелни трансформации врз основа на временските услови и аголот на гледање. Облачното време создава еден суптилен рефлексивен сјај, додека сончевите денови формираат јасни шари на сенки на земјата и на соседните ѕидови. Покрај тоа, скулптурата изгледа како затворена структура кога се гледа од дистанца, додека го открива небото кога се гледа од жабја перспектива.
За да се реализира проектот, LIT работилницата со седиште во Портланд, го врши процесот на изработка на структурата. Најпрвин ласерски се исечени алуминиумски перки па се свиткуваат и поставуваат во мрежа. На мрежата мали цевки поминуваат низ секоја лента, така што се поврзува системот на поголема структурна рамка зајакната од челични рамки.