Изработката на Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за главниот град Скопје е од исклучително големо национално и прекугранично значење за заштита на животната средина, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на потпишување на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството, Градот Скопје и компанијата „ЕГИС Еау“ од Франција.
– Студијата треба да го дефинира најдобриот пристап за финансирање, изградба и управување со станицата за третман на отпадните води која ќе опслужува околу 600.000 жители, нагласи Изаири.
Целта на проектот е да се обезбеди висококвалитетни и одржливи решенија со кои се решаваат проблемите поврзани со третманот на отпадните води и управувањето со милта во услови на најмали оперативни трошоци и трошоците за одржување. Студијата вредна 729.000 евра е финансиски поддржана од фондот за студии и помош во приватниот сектор – ФАСЕП и француската влада.