Градежниот инженер Петар Караѓорѓев дипломирал на Архитектонско-градежен факултет во Скопје во1968 година. Првото вработување му е во Заводот за студии и проектирање на Градежниот факултет, кога ги посетува и предавањата на постдипломските студии за асеизмичка градба на објектите, од страна на експерти на УНЕСКО, како помош за земјотресот во Скопје.
Од 1970 година до 1979 работи во Проектантското биро ИСП на ГП Бетон, Скопје, во конструктивна група. Во тој период учествувал во изработка на проектна документација за Културен центар Скопје, Радио Телевизија Скопје, комплексот Центротекстил во Прага, Р. Чешка и др. Од 1979 до 1987 година работи во ХГИРО „Биначка Морава“, Гнилање, Косово, како раководител на конструктивна група и главен проектант на објекти од високоградба. Во тој период учествува во проетирањето и изградбата на многу индустриски и станбени објекти ширум Косово.
Од 1987 година, продолжува со работни задачи повторно во ГП Бетон, па заминува во Багдад, Ирак, на изработка на проекти за воен комплекс, а од 1992 година се занимава со работни активности во оператива. Раководител е на мостот преку акумулационото езеро Козјак кај село Здуње. Мостот кај село Здуње е прв во земјата по технологија на изведување на главниот носач по методата на конзолна постапка, со лизгачко скеле „Крлетка“ во ламели со должина од 4,65 метри.
Караѓорѓев вели: „Секој инженер, било да е проектант или изведувач на работите, во својата професионална кариера мечтае да предвиди и оствари нешто што би било еден вид уникатна творба“. Таа творба за инженерот Петар Караѓорѓев е мостот преку акумулационото езеро Козјак кај село Здуње, бидејќи овој проект е уникатно дело во нашата држава, како по технологија на градбата, така и по најголемиот распон меѓу столбовите од 86 метри, должината меѓу дилатационите фуги од 358 метри и најголемата висина на столб од 64 метри.
Кој е Ваш херој?
-Светислав Прокопиев, кој беше исклучително талентиран и искусен инженер. Како директор на Проектно биро во ГП Бетон, беше човек кој се истакнуваше во решавање на сложени стручни задачи, но беше и многу посветен на вработените со кои раководеше во компанијата.
Ваше мислење за македонското градежништво денес?
-Објектите што се градат денес се разликуваат од објектите изградени во минатото, и по својата големина и функција. Преку реализирање на индустриски, хидротехнички објекти и сообраќајна мрежа, сè повеќе се зголемува квалитетот на македонското градежништво.
Набројте три објекти, според Вас, кои се најзначајни во македонското градежништво.
-Автопатот Табановце – Гевгелија, Брана Козјак, Брана Св. Петка и Хидросистемот Злетовица, од која се снабдуваат со вода жителите во Источна Македонија.
Што претставува градежништвото во светот?
-Спој на цивилизации и култури без кој е невозможен напредокот на човештвото.
Безбројни се градбите во светот, како надземни така и подземни, кои воодушевуваат со својата грандиозност, функционалност, технологија и убавина.
Каков е односот на младите кон градежништвото?
-Градежништвото е двигател на стопанството и воопшто на економијата. Во последно време повторно се зголемува потребата од млади кадри, што ќе придонесе за поголем развој како на градежништвото така и на останатите индустриски гранки.
Што е интересно за Вашите објекти, а човек надвор од струката не може да го види?
-Можеби навидум градежните објекти изгледаат вообичаено, но за да се реализираат потребно е искуство и широк спектар на знаење, како во изведбата така и во нивното одржување за да може да функционираат според замислата на инвеститорот и проектантот. Целиот процес на градење од самиот почеток, со сите предизвици и потешкотии со кои се соочува тимот, како и временските прилики и неприлики се само дел од креативниот процес на создавање на еден објект.
Ваши идни планови во градежништвото?
Бидејќи не сум повеќе активен во професијата, посакувам да се реализираат планираните објекти како автопатот Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид како и железничката пруга Бељаковце – Крива Паланка – Деве Баир.