Тргнувам пешки од авенијата „Кутузовски“, една од главните сообраќајници на Москва, преку мало паркче со споменик на г. Багратион (од времето на битките со Наполеон), до „Кула 2000“ и мостот „Багратион“ на самиот брег на реката Москва. Тоа се првите објекти од проектот „Москва Сити“. Од високата платформа пред мостот го имам спектакуларниот поглед кон другиот брег и московското чудо „Мосва Сити“. Приказната почнува …
Покрај големата и прекрасна историја што на посетителите им ја нуди Москва, сега е тука и оваа современа атракција која станува неизбежна алтернатива и контраст на старото централно јадро околу Црвениот плоштад и околината.
Идејата за „Москва Сити“ е од 1992 година, на градските власти, архитектот Борис Иванович Тор и градоначалникот Лушков, веројатно како и многупати, да се копира Америка во многу „лудории“, па еве да се има московски Менхетен.
Избран е просторот помеѓу Третиот транспортен круг, реката Москва и постојниот саемско хотелски комплекс „Международнаја“ во близина на Белиот дом. Футуристичката идеја почнува да се реализира во 1996 година со комплексот „Кула 2000“ и пешачкиот мост „Багратион“ отворен во 2000 година, кој ги спојува новиот центар со еден од главните булевари „Кутузовски“. На површина од 60 хектари се проценува дека 250.000 – 300.000 луѓе ќе живеат и работат во овој комплекс. Проектираната цена од 12 милијарди долари по руските обичаи на „лесно трошење“, секако ќе биде поприлично натфрлена. Москва го добива еден од најголемите бизнис-трговски центри во светот. Концентрацијата од преку 20 зданија со деловни содржини од сите видови, трговски и хотелско-ресторански брендови, со илјадници станбени апартмани од највисок ранг и големиот саемски простор го прават „Москва Сити“ еден од најмаркатните градежно-архитектонски дела на денешнината. Ќе ги набројам само најмаркантните објекти:
– Кула Еволуција со височина од 255 метри
– Кула Империја со височина од 239 метри
– Кула Меркури Сити со височина од 339 метри, веројатно поради специфичната конструкција „најлудата“ во целиот комплекс
– Кула Федерација со височина од 360 метри, идната највисока во Европа. Всушност, комплекс од две кули со заедничка основа од 97 и 65 ката, изведена со МБ 90 и одбрана од „удар на авиони“.
Се разбира, сите поединечни објекти се дела на врвни светски архитекти со примена на најсовремени системи на градба и матерјали, инсталациони системи и врвни заштитни мерки во секој поглед.
Транспортно решение
Најголемиот проблем, околу кој и сега се водат големи дебати, е проблемот на сообраќајно решение, не само во обезбедување на доволно паркинг места, туку многу повеќе каков е пристапот кон и од тој централен простор, кон и така оптоварениот трет транспортен круг и улицата Набережнаја. Се чини ќе биде казна за тие што ќе мора да доаѓаат со автомобили, особено во сообраќајните шпицеви.
– Планирани се три метро станици, од кои две се веќе во функција и се чини за пешаците ќе нема проблем за вклучување во московскиот метро систем;
– Планираните брзи транспортни системи до главните аеродроми Шереметјево и Внуково ќе бидат особено интересна градежно-сообраќајна атракција, која можеби значително ќе го реши сегашниот јазол. Но тоа е сè уште добра желба и недовршен проект.
Цетрален трговско-угостителски забавен простор „Афимол Сити“
За сите посетители, овој е секако најинетерсниот простор. Вкупната површина е 450.000 м2, изнајмена површина на трговски брендови (вкупно 400) приближно 74.000 м2 , околу 50 ресторани со сите можни светски кујни, супермаркет од 2.400 м2 , концертна сала за 6.000 луѓе, киносала со MAX формат, забавни површини и детски простори. Сето тоа на шест етажи со два импресивни централни холови со фонтани и скулптури. Пиењето кафе во кафулињата под огромна светла стаклена купола, отворена кон небото и околните импресивни зданија, е посебно доживување, се резбира за не баш мали пари. Посебна атракција е изложбената површина „Титаник“, на шестиот етаж, со сè што е врзано за таа епопеја. Не треба ни особено да се нагласува квалитетот на употребените матерјали и изведбата. Тоа е просто кажано во правата смисла на зборот и значењето – Светски бизнис забавен центар.