Градежниците бројат успеси. Како што пренесе Алфа ТВ, „Гранит“ заработил 436.000 евра во првиот квартал, 15% повеќе од истиот период лани. „Бетон“ остварил профит од 293.000 евра, раст од 14%. Уште подобри резултати имале производителите на градежни материјали. Цементарницата „Усје“ заработила 4.8 милиони евра и имала раст од 119%, а фабриките Карпош и Адинг заработиле 22.000 односно 135.000 евра, со што профитот им пораснал за 21% односно 46%.
Во првиот квартал растот на целиот сектор беше 13.7%. Бизнисмените велат дека позитивните трендови ќе продолжат – градежништвото ќе остане моторот на македонската економија и во наредните години. Гаранција за тоа биле силните вложувања во инфраструктурата – изградбата и обновата на автопатите, но и на локалните и регионалните правци, на железничките линии, како и најавата за гасификација.
„Тие проекти веќе придонесуваат да стабилност и понатаму на градежниот сектор… Ќе остане и во наредните неколку години да биде предводник на македонската економија, а со тоа ќе се создадат услови за долгорочни позитивни последици“ вели Сеад Кочан, претседател на Комора за градежништво при ССК.
Освен инфраструктурата и изградбата на административни објекти го поттикнува растот. Проектот Скопје 2014-та, за дел од бизнисмените од овој сектор, бил вистински одговор на европската криза. Им отворил работа кога ги изгубиле странските пазари.
„Со приближно 200 милиони колку што пресметуваат дека чинел, проектот успеа да ги ангажира градежните компании изминатите 4 години и да создаде континуитет во градежниот сектор“ вели Кочан.
Македонската оператива се врати и на странските пазари. Во првите шест месеци од годинава склучени се договори тешки речиси 100 милиони евра, а изградени се објекти вредни 10 милиони евра со што е остварен раст од 27,7% односно 41.8% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државната статистика.
Најдобро им оди во Босна – оттаму треба да инкасираат 90 милиони евра, а најголем дел од колачот има „Гранит“ кој е вклучен во проширувањето на автопатската мрежа.
Повеќе работа е договорена и во Италија, Швајцарија и Холандија.