Новите најави на Хрватската влада за воведување на данок на недвижности од 2016 година, со големо внимание се следат во соседната Словенија, а љубљански „Дневник“ денес пишува дека тоа ќе удри по џебот и на многу Словенци кои, според некои податоци, во своја сопственост имаат во Хрватска околу 110.000 недвижности.
Станува збор за станови, викендички и апартмани, главно на Истра и на островите Корнати. Овде не станува збор само за недвижности купени или наследени во времето на поранешна Југославија, туку и за нови, вкупно 42.000 недвижности, купени во последнните 20 години од странци од кои во една третина случаи биле словенски државјани.
Словенците во својата матична држава во моментов не плаќаат данок на недвижности, бидејќи законот за оданочување на недвижности, воведен од владата на поранешната премиерка Аленка Братушек, беше поништен од Уставниот суд. Но, новиот словенечки премиер Миро Церар изјави дека неговата влада ќе инсистира на тој данок и ќе поднесе нов законски предлог.
Кога данокот на имот на недвижности ќе се воведе во Хрватска и во Словенија, единствена држава во ЕУ во која не се плаќа таков вид данок ќе остане Малта.