Со отстранување на електричните тесни грла, македонските компании на долг рок ќе имаат помал трошок за струја.
Растот на цената на електричната енергија не мора да значи и намалена рентабилност на компаниите. Секој деловен субјект доколку спроведе оптимизација на потрошувачката на електрична енергија може да ја намали вкупна потрошувачката на струја, да ја подобри својата рентабилност, севкупно да има помали трошоци за струја, и да оствари подобри финансиски резултати, категоричнa е Сања Божиновска директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап, една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Energy services. Речиси и да нема компанија во која не постојат електрични тесни грла, како и нерационално трошење на струјата, а загубите на електричната енергија и не се така мали. Праксата покажува дека компаниите плаќаат за потрошувачка на нешто што не го искористиле.
Со детална ревизија на енергетскиот систем на секоја одделна компанија, со електрични оптимизации, компаниите нема толку да бидат засегнати од определената цена на струјата, која пак зависи од берзанската цена на електрична енергија и од одлуките на регулаторната комисија. На долг рок ќе обезбедат систем кој значително помалку ќе троши електрична енергија, а компанијата покрај еднократниот трошок за ревизија и спроведена оптимизација, ќе биде поконкурентна во своето работење и ќе има помали фиксни трошоци, смета Божиновска.
Со процесот на либерализација сметките на струја кај голем дел од компаниите се намалија и за 30 проценти, а како ќе се движи цената во иднина, зависи пред се од повеќе надворешни фактори, пред се од цената на странските берзи и од тоа колкаво и колку рентабилно ќе биде домашното производство. Се почест е бројот на македонски компании кои внимаваат на енергетската ефикасност, на заштедата на енергија како начин да ја подобрат својата рентабилност и да остварат подобри финансиски резултати. Во услови на висока цена на електричната енергија поради недостиг на сурова нафта и јаглен на светските берзи, а со оглед на фактот дека овие доминантни извори на енергија се и причинители на т.н. глобално затоплување, пред секоја компанија се повеќе се наметнува императивот за подобрување на сопствениот енергетски биланс.
Македонија и земјите од блискиот регион малку доцнат со процесот на искористување на обновливите извори на енергија, а последните европски тенденции, на намалување на субвенцииите за овој тип на енергија во повеќе ЕУ земји, не треба да делуваат обесхрабрувачки. Според извештајот на Обединетите нации за околината (UNEP), во 2013 година се намалиле инвестициите во продукција на енергија од обновливи извори за 14 проценти во однос на минатата година, што се случува за прв пат во историјата, а Кина првпат ја надмина ЕУ според вредноста на инвестициите. Но и покрај тоа обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија бележат процентуалан раст на 8,5 %, во однос на 7,8% учество во 2012 година. А ако се исклучи хидроенергијата, делот на обновливиот сектор во новоинсталираните производни капацитети, учествува со над 43,6%, а соларната енергија е најинтересна за инвестиции. Тенденциите се јасни иднината е во зелената енергија која не ја загадува околината, го спречува глобалното затоплување и е обновлива. Вложувањата во обновливи извори, нуклеарна енергија и складирање на јагленот, како и пошумувањето мора да се зголеми за три до четири пати до 2050 година според извештајот на ОН, со цел да се спречи глобалното затоплување на 2 степени целзиусови.