Украинската компанија „Енергија“ ќе ја пресели фабриката за производство на еколошки системи за прочистување води од Киев во Македонија. Во новата фабрика што треба да биде лоцирана во ТИРЗ „Скопје 2“ инвеститорот ќе вложи 18 милиони евра и ќе отвори 150 нови директни работни места.
Договорот за реализација на инвестицијата го потпишаа денеска генералниот менаџер на „Енергија лимитед“ Андреј Конашков и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и заменик-директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Климент Шекеровски во присуство на премиерот Никола Груевски.
Производите од фабриката во Македонија што треба да почне со изградба во април следната година, ќе бидат наменети исклучиво за извоз, а очекувањата се вредноста на годишно ниво да достигне 20 милиони евра. За реализација на инвестицијата на инвеститорот му се на располагање две парцели во ТИРЗ „Скопје 2“ со вкупна површина од 8 хектари. Производствениот погон, според најавите, ќе се гради на површина од 20.000 метри квадратни.
Преговорите со украинската компанија се почнати пред пет години, а првиот контакт е остварен во тек на владино роад-шоу.