Во врска со реакцијата на граѓаните и невладиниот сектор во Тетово поради дислокацијата на автоматската мониторинг станица која беше поставена во дворот на средното училиште, „Кирил Пејчиновиќ” а ќе биде поставена во основното училиште „Кирил и Методиј” во Тетово, Министерството за животна средина и просторно планирање ги информира граѓаните зошто се планира дислоцирање на мерната станица за квалитет на воздухот од дворот на тетовската гимназија.
Според соопштението, автоматската мониторинг станица за мерење на квалитет на воздух во Тетово била поставена согласно европските директиви за мониторинг на квалитет на воздух според кои, во радиус од минимум 30 метри околу станицата не смее да има висок објект што би го попречил движењето на на ветровите и би го задржувал загадувањето.
Со изградба на Спортската сала која е оддалечена само десетина метри од мониторинг станицата, се попречува движењето на ветровите и се задржува загадувањето, а со тоа параметрите добиени од мерните инструменти не даваат релевантна слика.
Поради ваквата состојба предложено е преместување на мерната станица на нова локација, која ќе ги содржи сите потребни услови за нормално функционирање.
При избор на новата локација бил оформен работен тим од стручни лица од Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи,експерти од Институтот за јавно здравје како и претставници од локалната самоуправа во Тетово.
Експертот од Управата за хидрометеоролошки работи водеше сметка за ружата на ветровите и за тоа станицата да биде поставена во правецот на ветерот. Експертот од Институтот за јавно здравје ја анализирал популацијата во околината на станицата и место положбата дали е во близина на индустриски објект или некој друг загадувач ( индивидуални куки, сообраќај и други извори на загадување).
Претставниците на Министерството, исто така, ги анализираа изворите на загадување како и состојбата со правилното поставување на станицата. Со поставување на Автоматската мониторинг станица на новата локација ќе нема попречување на ружата на ветрови при што ќе се добијат пореални податоци и пореална слика на загадувањето.