Спортскиот центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“, што се наоѓаат во Општина Аеродром, ќе бидат отворени на крајот на овој месец, соопшти менаџерскиот тим на денешната прес-конференција.
Во рамки на СЦ „Јане Сандански“ има голема централна арена, со капацитет за 6.500 посетители, помошна спортска сала со димензии за кошаркарско и ракометно игралиште за 1.000 посетители и конгресен центар за прес-конференции направен според меѓународни стандарди, информираше Надица Димовска, генерален менаџер на СЦ „Јане Сандански“. Дополнителните спортски капацитети е планирано да се отворат до крајот на оваа година.
– Ќе бидат отворени четири тениски игралишта, според АТП и ВТА стандарди, а две од игралиштата ќе можат да се користат и во зимскиот период. Дополнително во рамки на спортскиот центар ќе има и фитнес центар на површина од 500 квадратни метри , што ќе се употребува како за потребите пред се на професионалните спортски клубови, кои ќе играат натпреварите и ќе имаат тренинзи, така и за комерцијална употреба. Ќе има професионална спортска програма за фитнес. Паралелно ќе биде отворен и мултифункционален простор од 400 квадратни метри за одржување тренинзи по аеробик, пилатес и боречки спортови, изјави Димовска.
На западната страна на платото на спортскиот центар ќе биде отворена продавница, првпат во Македонија, на познатиот спортски бренд Хумел. Дополнително овој бренд ќе има обврска да ги сервисира фан шоповите на женскиот и машкиот ракометен клуб Вардар. Освен спортските капацитети, на површина од 300 квадратни метри, ќе има и игротека со поглед кон Паркот на езерцата во Општина Аеродром.
– Целиот објект е изграден со јавно-приватно партнерство склучено помеѓу компанијата на господинот Сергеј Самсоненко и Општина Аеродром.
Ивестирањето во ваков спортски објект, според неа, претставува голем економски импут, бидејќи во процесот учествуваа преку 60 македонски компании и пет странски. На објектот работеа над 1.600 работници, а беше изграден во рок од 16 месеци.
Хотелот „Русија“, што исто така е во рамки на СЦ „Јане Сандански“ ќе биде отворен исто така на крајот на месецов. Ќе има 61 соба и апартмани. Спа центарот ќе биде отворен на крајот на годината. Досега во хотелот се вработени 35 лица, а генералниот менаџер Дина Муцунска најави и нови вработувања.