Секторот за инспекциски надзор на Општина Куманово до Секторот за урбанизам достави список за 15 склонопадни објекти на ниво на град Куманово, информира kumanovskimuabeti.mk.
Согласно законот, до сите сопственици е доставено писмо, но само еден сопственик досега се одзвал на поканата на општината да соработува во процесот на рушење на овие објекти, вели Лидија Ланг, раководител на Секторот за урбанизам при Општина Куманово.
– Согласно законските прописи, од страна на Општина Куманово, Сектор за инспекциски надзор и градежната инспекција, беа доставени предмети со записник од лице место, фотографија од руинираните објекти и имотен лист за склонопадни објекти на улиците „Коле Неделковски“, „Димитар Влахов“, „Перо Чичо“, „Илинденска“, „Чоробенско Ќоше“ и уште десет други објекти за кои е поведена постапка за нивно отстранување, вели Ланг.
Во согласност на почитување на законските рокови за достава на барањата, ако сопствениците не се јават на писмената покана на општината, самиот сектор ќе поведе постапка за нивно отстранување, а сите трошоци ќе паднат на сметка на сопствениците.
Во Секторот за инспекциски надзор велат дека има случаи каде во куќите сѐ уште живеат луѓе и тука можат само да го пролонгираат времето за иселување, но најголем дел се напуштени објекти. Сопствениците обично се во странство и потешко се пронаоѓаат за да бидат известени како што налага постапката, дека старата градба ќе се отстрани, објаснуваат од инспекциската служба. Во такви случаи, со самото рушење на објектите од страна на општината, престанува и правото на сопственост, а во согласност со чл.100 од Законот за градба.