Насловна / Вести / Дигитализацијата на катастарските планови оди побргу од планираниот рок

Дигитализацијата на катастарските планови оди побргу од планираниот рок

katastar na rm

Во вкупно 1.145 катастарски општини или 60,07 проценти е завршен процесот на дигитализација на аналогните катастарски планови, а 21,2 проценти од нив се во завршна фаза на усогласување со базата на податоци од електронскиот катастар и за кратко време ќе станат дел од него.
Агенцијата за катастар на недвижности, која го спроведува процесот на дигитализација на катастарските планови во соработка со Светска банка, очекува дигитализацијата да заврши порано од предвиденото.
„Крајниот рок за дигитализација на целата територија на Република Македонија со дигитални катастарски планови е декември 2015 година, но проценките на Агенцијата се дека со ова темпо на работа дигитализацијата ќе заврши неколку месеци порано“, истакна директорот на Агенцијата, Славче Трпески на денешната прес-конференција.
Тој информира дека комплетно завршени и усогласени со електронскиот катастар се 741 катастарска општина или 38,9 проценти од вкупниот број на катастарски општини. Комплетно завршени се Виница и Валандово, а во Скопје дигитализирани се нешто помалку од 50 проценти.
Според Трпески, бенефитот од дигитализацијата на катастарските планови е тоа што значително се скратува постапката за запишување во катастарот на недвижности.
„Времето за постапување по предметите каде што имаме дигитални катастарски планови и целата постапка оди дигитално е двојно пократко во однос на катастарските општини каде што катастарските планови се се уште аналогни. Бројките кажуваат дека за постапување со ваков предмет во дигитална катастарска општина потребни се нешто помалку од три работни дена, додека за останатите каде се уште плановите се аналогни, потребни се просечно седум работни дена“, посочи Трпески.
Процесот на дигитализација на катастарските планови започна во мај минатата година, а треба да заврши заклучно со крајот на 2015 година.

Испрати коментар

Scroll To Top