Благодарејќи на бројните студентски здруженија, летната пауза помеѓу испитните сесии, студентите од техничките факултети имаат можност да ја искористат повеќе од рационално, со оглед на тоа што на располагање им се бројни курсеви и студентски практики во организација на локалните комитети на реномираните ветерански студентски здруженија IAESTE, BEST, IACES, AEGEE, итн. Сепак, за да се биде учесник најчесто е потребно претходно членување во нив и да се исполнат одредени услови/активности. Помеѓу останатото, од минатата година отворена е и можноста за учество на Меѓународната летна конференција на студенти по градежништво т.е. International Summer Conference of Civil Engineering Students (ISUCCES). Иако „млад“, станува збор за сериозен настан во организација на наставниот кадар и студентите од Градежниот факултет во Осијек, Хрватска.
Атрактивното име во себе „крие“ два независни дела на конференцијата, при што во првиот студентите презентираат сопствени трудови, испитувања и истражувања кои претходно ги имаат извршено во договор и под надзор на ментори од матичните факултети, додека во вториот дел, во соработка со тандем учесници од друга држава, изработуваат модели на конструкции во помал размер од дрвени елементи, после што истите ги испитуваат на земјотрес преку поставување на плоча која симулира сеизмичко дејство. Значително мотивира за работа, но истовремено и ја зголемува одговорноста, податокот дека за двете категории се доделуваат награди. Без оглед на тоа, сите учесници се рамноправни носители на почеста за бесплатен престој, бидејќи организаторот ги покрива сите трошоци околу сместувањето и исхраната.
Мотивирани од минатогодишното учество и успех на студентите од Градежниот факултет во Скопје (ГФ), оваа година следните студенти од трета и четврта година на ГФ покажаа интерес да ги покажат своите знаења и вештини: Ангела Златеска, Дамјан Денковски, Филип Наневски и Гоце Велески. Имено, тие беа учесници на овој – од повеќе аспекти (содржина, квалитет на презентации, посветеност и исполнителност на организаторите, почитување на термини) оценет – одличен настан што се одржа во периодот 7 – 12 јули, а каде претставници имаа и градежните факултети од Хрватска, Албанија, Турција и Романија. Како и другите случувања од меѓународен карактер, така и оваа конференција претставува одлична можност за студентите да остварат контакт, разменат инженерски искуства и знаења, да научат нешто повеќе и, секако, да се дружат и остварат пријателства со своите колеги од државите во регионот кои, како што покажале и претходните искуства, ќе траат и перспективно ќе прераснат во соработка на професионално ниво.
Подготовката за учество започна веќе со објавувањето на првата информација за одржување на конференцијата, некаде на почетокот на летниот семестар. Веќе тогаш заинтересираните студенти ги посетија асистентите со барање за подготовка на реферат кој, со својот квалитет, би требало да обезбеди „влезница“ за ISUCCES, имајќи предвид дека истите ги прегледува и оценува академски тим на организаторот. Во рамките на таа соработка, студентите Ангела Златеска и Дамјан Денковски, заедно со асист. д-р Јован Бр. Папиќ, изработија реферат на тема Appropriate (re)designing of retaining walls according to Eurocode 7, во која беа објаснети понудените пристапи за димензионирање според EC7, а потоа и укажано на важноста да се избере правилен кој ќе е во склад со веќе постоечките локални регулатива и практика за пресметување на геотехнички конструкции.
Втората група, составена од Филип Наневски и Гоце Велески, чии ментори беа м-р Бојан Сусинов и м-р Сеад Абази, подготви труд со наслов Static Load Testing of Shallow Foundation on Improved Soft Soil. Во него беа презентирани можностите за подобрување на почвите со цел да се достигне подобра носивост како би се фундирале разни конструктивни зданија, а во продолжение беа дадени и резултатите од подобрување на одреден тип почва добиени преку истражувањето извршено на ГФ. Овие два реферата беа прифатени од страна на организаторот, а потоа и презентирани во рамките на првиот дел од конференцијата кој се одвиваше во утринските часови на вториот и третиот ден од конференцијата. За најквалитетен настап беше оценет оној на учесниците од Романија чија презентација беше на тема Flexi-brick во која е објаснета технологијата за изработка на нов вид на тули кои што се користат во изработка на масивни конструкции и се отпорни на земјотреси, издржувајќи поголеми деформации.
Како што може да се насети од насловите на трудовите, и текстовите и презентациите се на англиски јазик.
Сепак, најголем дел од времето беше резервиран за вториот, повозбудлив и покреативен дел: изработката на моделите. Секој тим пред почетокот на конференцијата имаше задача да проектира конструкција која, освен што ќе биде најиздржлива на земјотрес, ќе задоволи и низа други критериуми: најмала потрошувачка на материјал за изработка, максимална висина, корисен простор, нанесена маса и слично.
Пред самиот почеток на конференцијата, секој тандем студенти се спојуваше со тим од друга држава кој исто така подготвил предлог-конструкција за моделирање, при што требаше да одлучат која од двете конструкции е подобра да се изработува, или, пак, ќе се зафатат да изработат нова која ќе ги содржи квалитетите на двете понудени. Така осмислената конструкција се изработуваше четири дена за време на конференцијата од само неколку дозволени материјали, а потоа истата беше тестирана на плочата за симулации на потреси, на три карактеристични земјотреси: Ел Центро, Нортриџ и Бања Лука.
Двете групи во кои членуваа двата наши тандеми реализираа базна изолација, која доста помогна во задоволителното однесување на конструкциите изложени на наведените земјотреси. По спроведените тестирања на сите модели, како најиздржлива, најотпорна и неоштетена од земјотресите, секако – притоа задоволувајќи ги и другите наведени услови, се покажа конструкцијата реализирана од Ангела Златеска и Дамјан Денковски од Градежниот факултет во Скопје и двајца студенти од Градежниот факултет во Букурешт, со што го освоија првото место во оваа категорија.
За да не се уплашат потенцијалните идни учесници дека цел семестар и цело лето ќе треба само да учат и работат, треба да се додаде дека, покрај стручниот дел, и слободното време беше одлично испланирано и исполнето со најразлични социјални активности. Имено, домаќините се потрудија да реализираат запознавање на градот Осијек во придружба на професионален водич, потоа посета на градилиште на кое се гради новиот тамошен Градежен факултет, интернационална вечер во рамките на која сите учесници ги презентираа културно-уметничките, традиционалните, музичките и гастрономските одлики на татковината, разни вечерни прошетки и дружби кои нудат можност за подобро меѓусебно запознавање и склопување на многу нови пријателства.
Имајќи го сето ова предвид, овогодишните учесници од ГФ се надеваат дека и следните генерации на наши колеги ќе пројават желба за учество, а за нивната љубопитност да се научи нешто повеќе и да се дружат со студенти од регионот – веќе сега им се пружа силна поддршка и гаранција дека вреди.
Автори: Филип Наневски, Ангела Златеска, Дамјан Денковски, Гоце Велески, студенти на Градежниот факултет при УКИМ, Скопје