Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски денес го пуштија во употреба реконструираниот локален пат што го поврзува манастирот „Св. Јован Бигорски“ со регионалниот пат Маврово-Дебар.
Станува збор за рехабилитација на патот во должина од еден километар. Патот е асфалтиран, извршено е проширување на сите кривини и изведен е потпорен ѕид во должина до 60 метри, а просечната ширина на коловозот е околу шест метри.
По реконструкцијата се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот и побрза комуникација со манастирот „Св. Јован Бигорски“. Инвестицијата за градежните работи изнесува околу 9 милиони денари кои се обезбедени од заемот од Европската банка за обнова и развој.
Пешевски истакна дека Владата за подобрување на локалната патна мрежа во Македонија земала заем во износ од 34 милиони евра од Светска банка и 25 милиони евра од ЕБОР.
Вкупната должина на завршените локални патишта преку двете банки од 2010 година досега изнесува околу 641 километар односно 336 локални патишта со вредност од 50,5 милиони евра.
-Во тек е одобрување на тендерска документација од страна на СБ за 47 локални патишта со должина од околу 60 километри во вредност од 6,50 милиони евра чија реализација треба да биде во 2015 година, изјави Пешевски.
Георгиевски подвлече дека вкупната должина на локалните патишта кои се планира да се завршат во 2014 година е 125,6 километри или 72 локални патишта со вредност од 14 милиони евра.