На потегот од Универзитетска библиотека до хотел „Континентал“ веќе се заградени локациите за петте нови споменици што треба да се постават во следниот период, а кај дел од нив се градат и постаментите. Во средината на кружниот тек кај хотел „Континентал“ изваден е столбот со јарболот на македонското знаме и просторот е ограден, а деновиве таму може да се видат и машини. На оваа локација ќе биде поставена бистата на генерал Михајло Апостолски. На аголот на Универзитетската библиотека се работи на постаментот за споменикот на Пере Тошев, а во негова близина ќе биде Никола Петров Русински. Пред Судска палата е заграден просторот за споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, а се работи и на поставувањето на споменик на Ѓорѓи Сугарев кај комплексот факултети.