Градот Скопје распиша повеќе одделни Конкурси за избор на идејни решенија за реконструкција на фасади на постојни објекти на неколку различни локации во македонската метропола. Целосно ќе се менува изгледот на дури 12 објекти околу плоштадот „ВМРО“, на 12 објекти долж булеварот „Илинден“, на шест згради што гравитираат околу плоштадот „Мајка Тереза“ и седиштето на Стопанска банка во склоп на ГТЦ, на пет објекти што се протегаат долж улицата „Димитрие Чуповски“, како и градбите лоцирани на улицата „Црвена скопска општина“.
Од архитектите се бара да достават решенија што ќе ги почитуваат програмските барања и постоечките прописи за проектирање и реконструкција на фасади, но и да ги задоволат критериумите за изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување и економичност. На победниците градската власт ќе им додели награди во износ од 25.000 и од 40.000 денари. Конкурсните трудови треба да се достават до Архивата на Градот Скопје, и тоа најдоцна во деновите во периодот од 25 септември до 1 октомври, во зависност од тоа за кој конкретен објект се конкурира.