Насловна / Арт и дизајн / Настан со посебен идентитет

Настан со посебен идентитет

skopje-design week-2013 (14)И оваа година, како и лани, фестивалот Недела на дизајн во Скопје помина со голем интерес кај посетителите, покажувајќи уште еднаш дека македонската публика е желна за настани од овој вид. Од 1 до 6 октомври, Куршумли ан, автентичниот простор каде што се одржуваше оваа манифестација, стана место на уметноста и дизајнот. Низ историскиот објект поминаа повеќе од двеста учесници, а беа поставени триесет и шест изложби кои ги опфатија сите сфери на дизајнот – продукт, графички и моден дизајн. Во пладневните часови се одржуваа различни работилници, од креативни претпријатија, дизајн на мебел, дизајн на звук, музички театар до поетичен дизајн, а вечерта завршуваше со концерт, правејќи пријатна и опуштена атмосфера за присутните. Се претставија дизајнери од Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Шведска, Норвешка, Велика Британија и од Швајцарија. Македонските компании имаа можност да соработуваат со реномирани дизајнерски имиња и да дискутираат за најголемиот проблем – јазот меѓу креативното и применливото, меѓу идејата и реализацијата.

skopje-design week-2013 (2)Оваа година земја во фокусот беше Швајцарија, од каде што дојдоа десет дизајнери, кои зборуваа за тоа како нивната земја успева да создаде производи и да стане светски бренд. Учесниците од Швајцарија, кои првпат дојдоа во Македонија, беа видно возбудени и среќни што се дел од оваа манифестација.

skopje-design week-2013 (4)– Кога се качивме во авион за Скопје, воопшто не знаевме што нè очекува. Изненадени сме од целата организација, организаторите на овој настан се многу отворени, тука можеш да правиш што сакаш. Имаме сè, не треба за ништо да се оптоваруваме, од поставување на изложба до местење на светло. Луѓето се многу  позитивни, едноставно се чувствуваме пријатно. Куршумли ан е прекрасно место. Посебно поради тоа што има мали соби за секоја изложба, што не е случај со настаните од овој тип каде што досега сме учествувале – вели Клаудија Зубер (Claudia Zuber) од Швајцарија, која се претстави со своја модна колекција во рамки на манифестацијата. Margarita  Salmeron Espinosa i Christoph Shindler од Цирих се двајца архитекти кои изработуваат мебел, а кои својата работа ја опишуваат како „мебелоархитектура“, бидејќи нивните дела ги спојуваат двете сфери. Од нивните дела можевме да видиме столчиња, невобичаени закачалки и друго. Студиото “Claudiabasel”, во кое членуваат неколку швајцарски дизајнери се претстави со решенија од графичкиот дизајн – впечатливи плакати за театарски претстави, перформанси и изложби. Тие всушност и најмногу работат на дизајнот во сферата на културата – музеи и театри. Дизајнерите Sarah Kueng и Lovis Caputo, исто така од Швајцарија, работат како креативни партнери од 2006 година. Обликуваат ентериерски предмети и материјали со мошне интензивни бои, и по тоа се и препознатливи на тамошниот пазар.

skopje-design week-2013 (3)skopje-design week-2013 (10)Во Скопје допатуваа и дизајнери од Хрватска, кои преку поставката „Накусо“ (In a Nutshell) дадоа поглед кон современиот хрватски дизајн. Станува збор за кратка приказна која презентира мал број интересни дизајнерски дела кои не се формално слични, туку се илустрација на современиот плурализам во пристапот на дизајнот.

skopje-design week-2013 (15)skopje-design week-2013 (16)– Атмосферата е одлична и луѓето се супер. Што се однесува на концепцијата на изложбите, ми се допаѓа идејата за мултидисциплинарен пристап, иако тука секогаш постои опасност посетителите да го изгубат фокусот поради разноликоста во претставувањето на содржините. Од друга страна, пак, интересно е да се видат различните пристапи и различните сфери на интерес кај дизајнерите. Најимпресивен е Куршумли ан, кој на целиот настан му дава посебен идентитет, што е секако битно и како знак за понатамошно препознавање на оваа манифестација – вели графичкиот дизајнер Андро Гиунио.

И македонските дизајнери оставија впечаток кај присутните. Накитот на Јана Ацевска послужил како инспирација по која потоа се направиле маски за радијатори од страна на „Завар дизајн“, а кои беа изложени во Куршумли ан. Колекцијата се вика „Капка“ и е насловена по истоимениот бренд на накит од Ацевска. Модната дизајнерка Лидија Георгиева се претстави со нова линија на керамика, потоа ѕидни декорации, облека, капчиња и друго.

– Ова е најзначајната организација за дизајн во земјава, што станува важен датум во календарот на секој дизајнер. Оваа година ја продолжувам истрагата на другите полиња на дизaјнот, надвор од модниот дизајн. Не работам само моден дизајн, тука се и керамиките, комплетно изработени во Македонија, има и ѕидни декорации, машка линија на облека и друго – вели Георгиева.

skopje-design week-2013 (9)Дизајнерската работилница „Творница“, која ја сочинуваат графичкиот дизајнер Никола Војнов, вајарот Александар Дудески и графичкиот уметник Хари Дудески, го привлече вниманието со лустерот во форма на бесилка, столицата од јажиња што може да го менува обликот и со други  интересни парчиња. Името „Творница“ го одразува концептот на оваа работилница – творба, како спој на производ со уметничко дело. Авторите на „Творница“ се занимаваат со повеќе аспекти на релацијата уметност-дизајн и на специфичен начин ги имплементираат своите различни вештини и изрази во работата, што придонесува за оригиналноста на производите.

skopje-design week-2013 (1)Од македонските креативни компании, „Биро Проект“ на кратко ни дозволи да погледнеме низ нивните прозорци и за момент да прошетаме во неколку модерно дизајнирани ентериерни решенија. Доза креативност внесоа и маркетиншките пораки кои оваа компанија ги сподели со посетителите. Уметноста во дизајнот е дел од секојдневието на компанијата што е „виновна“ за разубавување на ентериерите во многу домови и компании во земјата, за нивните хортикултурните решенија, како и за бренд билдингот на неколку македонски компании.skopje-design week-2013 (5)Работилниците беа битен дел во составот на Недела на дизајнот во Скопје. Детската работилница „Рециклирај и свири“, под менторство на Дејан Спасовиќ, беше доволен поттик за најмалите, својата желба да удираат на сè и сешто како „свирење на музички инструменти од рециклирани материјали“. Повеќето инструменти беа направени од обични предмети од домаќинството како тави, цевки, црева, а беа безбедни, нескршливи и звучеа одлично.

Украсните ламинати како материјал одвоен од задолжителната иверка беа постулати на „Работилницата за експериментален дизајн на продукти“, водена од Margarita Espinosa и Christoph Schindler. Ламинатите имаат дебелина од еден милиметар, иако нивниот изглед, кога се монтирани на невидлива подлога, ги прави да изгледаат многу подебели. За разлика од многу од материјалите што ги имитираат, украсните ламинати може да бидат антибактериски, отпорни на мувла и габички и на пламен.

skopje-design week-2013 (6) skopje-design week-2013 (7)     Поддржувачите на вело-културата на работилницата „Како да обликуваш паркинг за велосипеди“, од страна на Дејан Ивановски, Ана Бораниева, Ристо Аврамовски и Снежана Домазетовска, посочуваа на квалитетите и негативностите на постоечките паркинзи за велосипеди во градот. Критичкиот однос го искористија за да создадат два продукта за поставување на одредени локации во Старата чаршија.

Желбата за креирање производи кои ќе имаат пазарна перспектива беше истакната во работилницата за „Дизајн на македонски мебел“ на Филимена Радоњанин и Сергеј Петровски. Вистинскиот  пласман на секој од производите поединечно е тешко да се предвиди, зашто тој зависи и од индивидуалните квалитети на производот, од доследноста на идејата и од вештините за комуникација и маркетинг, како и од зрелоста на пазарот, но она што со сигурност може да се каже е дека Македонија добива продукт – дизајн сцена, која досега не постоела.

skopje-design week-2013 (11)skopje-design week-2013 (12)Во рамки на скопската Недела на дизајн беше организиран и меѓународниот повик за креативно решение за етикета на виното „Шардоне“ на ВВ „Тиквеш“ од бербата 2013 година. Наградата во вредност од 1.500 евра ја доби авторката Дијана Димитриевска од Македонија во конкуренција од 247 дизајнери од 29 земји.

Третото издание на Недела на дизајнот во Скопје беше во организација на платформата „Министерство за задоволство“, чии членови се „Јавна соба“, „Плакарт“, „Завар дизајн“ и „парК- Центар за креативно живеење“.

Кате АНТЕВСКА, Катерина СПАСОВСКА-ТРПКОВСКА

Испрати коментар

Scroll To Top