Како може густината и индивидуалноста, безбедноста и природно израснатата фрагментација на средновековната структура со дворови и улички, како што биле некогаш, да се трансформираат во нов, современ јазик?
На локацијата каде што времето оставило лузни, во Берлин, спроти старите градски ѕидини, предвиден е објект кој ќе ја пополни празната локација, но истовремено ќе создаде празнини кои ќе го олеснат нејзиниот волумен и ќе обезбедат непречени погледи кон старите делови. Проектот е изработен од ателјето Зафари од Берлин.
Резултатот е индивудален комплекс кој „расте“ од внатре кон надвор, развиен по структура на планинско село, така што до сите делови се обезбедува светлина, воздух и просторност, а сепак се скриени и повлечени во приватност. Интеракцијата помеѓу интровертното и екстровертното, погледите внатре и надвор, ентериерот и екстериерот, играта на сенките и светлината, креираат своевиден космос во овој станбен комплекс.
Конструкцијата обезбедува еден вид на засолниште и релаксација од динамичниот урбан живот во големиот град како Берлин. Објектот живее со светлината и светлосните промени кои настануваат преку денот и различните сезони. Таа е зачната со идејата за светлина со која ќе биде забележителен репер на градот.
Белите, перфектно малтерисани ѕидови со ситна гранулација, ги напуштаат границите помеѓу внатрешниот и надворешниот простор, овозможувајќи на индивидуалните објекти да изгледаат како елементарни, апстрактни и скулптурални со своите остри рабови на аглите од комплексот. На тој начин ги зајакнуваат светлосните ефекти и обезбедуваат идеална рефлектирачка површина. Присуството на повеќе внатрешни дворови и тераси, како и базени и водени пејзажни површини, нудат различни содржински трансформации на овој комплекс и високи квалитети на живеење.