Фугерај во Аугсбург е најстарата социјална населба во светот и постои веќе 500 години, уште од 1512 година. Во меѓувреме станува позната туристичка атракција. До денес повеќето од 67 куќи во населбата имаат индивидуални ѕвончиња, со кои некогаш луѓето и во темнина го пронаоѓале вистинскиот влез. А, и натаму важат старите правила за тоа кој смее да се всели во становите во Фугерај. Станарите мора да бидат католици со беспрекорен углед и мора да бидат луѓе кои недолжни западнале во неволја. Јакоб Фугер во 1521 година ја основал населбата за сиромашните, како и приватната фондација од која до денес таа се финансира. Богатиот трговец сакал да стори добрина, но очекувал и дека тоа ќе му обезбеди место во рајот. Сабине Дариус, вработена во Фугерај, објаснува: „Составен дел од киријата се три молитви дневно. Тоа на Јакоб Фугер му беше многу важно. Сакаше засекогаш да се кажуваат молитви за неговото семејство. И тоа функционира веќе 500 години.“
И сегашните жители на Фугерај мораат да кажуваат молитви и да ја платат некогаш утврдената кирија од еден рајнски гулден – тоа се околу 88 центи годишно. Фугерај одамна се претвори и во туристичка атракција. Годишно доаѓаат околу 200 илјади посетители.