Во овој текст ќе Ви претставиме едно едноставно решение, фрижидер кој не троши енергија, а ги лади намирниците. Одлична идеја за оддалечени викендички или места кои не се поврзани на електричната мрежа.
Принципот на работа на овој фрижидер е крајно едноставен и се базира на процесот на евапорација. Фрижидерот е направен од печена глина. Во себе има два мали резервоари со вода – еден на врвот, друг на дното. Водата капе низ ѕидовите на фрижидерот и додека испарува ја одведува топлината (принцип на евапорација на водата). Ваков прирачен фрижидер може да направите и сами. Потребно е: еден голем глинен сад, еден помал глинен сад (може и саксија), малку песок и вода.
Најпрво на дното од поголемиот сад ставете малку песок, така што кога во него ќе го ставите помалиот сад, рабовите треба да им бидат израмнети. Потоа просторот помеѓу ѕидовите на двата сада пополнете го со песок. Кога се ќе завршите, песокот треба добро да го натопите со вода. Ставете го пијалокот внатре во помалиот сад и покријте го со влажна крпа. Водата ќе испарува и со себе ќе ја однесе топлината, а Вашиот пијалак ќе се олади.