TEDx настанот “Going to the Edge” што се одржа минатиот месец во SonomaCounty, САД, е еден од стотиците TED (Technology, Entertainment and Design) настани кои се одржуваат секоја година во светот. Наизглед типична технолошка конференција, сепак настапот на Татјана Џамбазова како говорник на “Going to the Edge” е причината поради која овој настан е посебно важен за нас (tedxsonomacounty.com). Татјана имаше одличен настап, што нас Македонците нè направи особено горди.
За Татјана ова не е првпат да настапи на TED конференција, ниту пак првпат да говори за технолошките иновации кои го менуваат светот. Таа е добро познат “technology whisperer” (промотер на напредни технологии) и автор, но позната е и по одличната кариера која ја има во софтверскиот гигант Autodesk, каде работи скоро 15 години. Во моментов таа е продукт менаџер во одделот Reality Capture and Digital Fabrication, а не смее да се заборави и дека во периодот 2005 – 2007 година таа беше продукт менаџер на софтверската платформа „Ревит“, една од најпопуларните апликации во портфолиото на Autodesk. Како и да е, таа е попозната во светот отколку дома.
Ако за нас е поважно тоа што Македонка имала успешен настап на еден странски TEDx настан, остатокот од светот беше воодушевен од прикажаното: најновата Autodesk дигитална технологија за 3д скенирање на реалноста и нејзино претворање во 3д модел. Во основа, станува збор за поврзување на неколку веќе постоечки технологии кои во комбинација со визионерство, лидерство и креативност може да направат исклучителни работи. Така на пример, со помош на ласерските скенери (кои постојат веќе десетина година и кои денес ги има и во вид на мали рачни мобилни верзии) се врши скенирање на микро и макро просторот околу нас. Резултатите од извршените скенирања се прикажуваат во вид на облак од независни точки (point cloud) поставени во 3д дигиталниот простор верно на реалната состојба. Понатаму, со помош на софтверски алатки, облакот од точки се претвора во 3д модел. Кога веќе имаме 3д модел, неговата примена е разновидна.
Во градежништвото, 3д снимката од просторот што е предмет на интерес ни овозможува да размислуваме, дизајнираме и анализираме во 3д (преку користење на релативно прецизни 3д модели). Досега за снимање на постојна ситуација користевме рачни мерења со метро или ласер и имавме многу ограничувања и препреки (а резултатите не секогаш се онакви какви што посакуваме). Дигитализацијата на просторот преку скенирање и конверзија на скеновите во 3д модели особено се применува за дигитализација на културното наследство. Светот се менува рапидно, градовите растат под притисок на наталитетот, културното наследство се руши поради сè поголемиот број конфликти во светот. Свеста за заштитата на културното наследство е сè пораширена, па и нејзината дигитализација е особено популарна.
Сепак, она што Татјана го прикажа во втората половина од презентацијата беше дефинитивно за восклик. Со помош на фотограметријата како наука, Autodesk успеа да ги заобиколи 3д скенерите во снимањето на постојната ситуација во просторот. Компанијата успешно создаде апликација која ги анализира фотографиите од определен предмет и создава верен 3д дигитален модел. Дополнително, конверзијата од 2д фотографии во 3д модел се врши преку „облак“ (cloud) и тоа бесплатно. Практично, Autodesk му даде на светот можност да го „копира“ физичкиот свет во кој живееме и твориме без поголем напор или трошок. Со технологијата на дофат, светот може да се смени преку ноќ. Кон крајот на излагањето, Татјана презентираше неколку проекти каде 3д моделирањето со помош на фотограметријата најде примена. Веројатно, најмногу воодушевувања и акламации имаше при презентација на 3д моделите на статуите на Буда вдлабени во карпа, кои се наоѓаа во Авганистан пред Талибанците да ги уништат. Иако светот мислеше дека тоа културно наследство старо илјадници години е изгубено (бидејќи претходно не било документирано), тим од Autodesk преку „симнување“ на фотографии (со различен квалитет) од Интернет (поставени од аматери/туристи) и користење на софтверски алатки, успеа релативно едноставно да добие исклучителен 3д модел на статуите.
Во друг проект со Смитсонијан музеите (Smithsonian X 3D), Autodesk соработуваше со други партнери во 3д фотограметриско моделирање на дел од музејските експонати и нивно виртуелно прикажување на веб страница. Образложението е следно: Смитсонијан е најголемата група на музеи во светот: имаат 19 музеи во кои чуваат 137 милиони експонати од целиот свет, сепак посетителите имаат можност да видат само 2% од нив. Со цел да се унапреди достапноста на експонатите кон посетителите, управата на Смитсонијан решила да го смени пристапот и својата понуда да ја стават на Интернет како дигитална содржина достапна за сите. Резултатот е www.3d.si.edu, веб страница која сè уште е во бета верзија, но на која веќе можат да се видат 3д модели од експонатите на музејот. Практично, нема причина зошто оваа технологија да не успее. Хардверот е комерцијално достапен и евтин. Фотографиите можат да бидат направени и со телефон со камера. Правилото гласи: колку повеќе квалитетни фотографии, толку повеќе квалитетни и детални 3д модели. Софтверот што ја врши конверзијата е достапен како услуга на Интернет и во базичната верзија е бесплатен. Со помош на Интернет/веб технологијата моделите можат да бидат поставени на Интернет за масовно прегледување и примена во образованието и културата.
Во градежништвото, последниве години, 3д технологијата е особено популарна. Таа се користи при проектирање и анализирање на проекти како од високоградбата ,така и од нискоградбата. 3Д моделите на физичкиот простор, добиени преку 3д ласерско скенирање или фотограметрија, можат природно да се вклопат во работниот процес кој користи 3д БИМ алатки, како што е на пример платформата Ревит.
Претставената технологија се содржи во апликацијата Autodesk ReCap, која се состои од Autodesk ReCap Studio и Autodesk ReCap Photo, апликации кои овозможуваат креирање на 3д модели од „облаци од точки“ и фотографии и нивна размена со други апликации како што се AutoCAD, Revit, Inventor и други. Од друга страна, Autodesk ReCap Photo претставува услуга до која се пристапува преку сервисот Autodesk 360, преку кој може да се добијат 3д модели од 3д податоците што корисниците ги прикачуваат на сервисот.
Видеото од настанот и излагањето на Џамбазова мора да се проследи. Во него е прикажана иднината на нашето минато.