Уметникот Alfredo Jaar со својата работа сака да предупреди дека врежаниот термин „Америка“ не подразбира исклучиво САД. Америка во себе ги спојува двата континента – Северна и Јужна Америка, а многумина тоа го забораваат користејќи го терминот „Америка“ за означување на САД. Современиот американски уметник Alfredo Jaar, по потекло од Чиле, се занимава со социјално и политички обоена уметност.
Во соработка со музејот „Гугенхајм“, на Тајмс Сквер ќе биде поставено неговото дело Logo for America од 1987 година, коешто од 1 август секој ден на полноќ ќе се репродуцира на сите рекламни паноа на овој плоштад. Се работи за проект кој е дел од изложбата, што ќе биде отворена во месец октомври, под наслов Under the Same Sun: Art from Latin America Today.
Инсталацијата ќе се состои од неколку различни светлечки панели, вклучувајќи ја и онаа со натпис This is not America, со која авторот сака да истакне дека со зборот „Америка“ не може да се опишува само САД, што стана врежана практика. Ова лого, како што напишавме, првпат претставено на јавноста во 1987 година, и денес, 27 години подоцна, не дошло до промена во размислувањето.