Насловна / Вести / Македонскиот мајстор и Сочи, или средба проектант – изведувач, некогаш и сега…

Македонскиот мајстор и Сочи, или средба проектант – изведувач, некогаш и сега…

20140629_103337
Идејата да направам фоторепортажа за хотелскиот комплекс Санаториј Заполарје во Сочи, Русија, се создаде откако ја прочитав колумната „Македонскиот мајстор и Сочи“ на колегата Радован Раѓеновиќ во „Утрински весник“.

        Во јуни 2014 година го посетив хотелскиот комплекс Санаториј Заполарје. Овој комплекс на брегот на Црно Море го изградија градителите на ГП „Маврово“ од Македонија пред 30 години и тоа во периодот 1980-1985 година.

      Комплексот и после толку години блеска со актуаелноста на архитектонските форми на изградените објекти и содржини, и со квалитетот на изведбата што до денес е сочувана и практично не е изменета.

     Како некогашен архитект на ГП „Маврово“, кој директно учествувал во изградбата на овој комплекс, сакам низ фотографии да ги споменам почетоците на изградбата, завршените објекти и сегашната состојба на комплексот.

     Шетајќи се и гледајќи ги прекрасните објекти на комплексот, ми наидуваат спомени – Санаториј Заполарје во Сочи  напоменува на едно изминато време на моќта и сјајот на ГП „Маврово“ и на градежништвото во Македонија.

      Колумната „Македонскиот мајстор и Сочи“ на Раѓеновиќ е извонредна, односно направена е во еден здив и заслужува должно внимание. Јас решив само да ја продолжам мислата и намерата на овој колега и автор, да ја поткрепам со фотографии и да ја повториме…“ (Предраг Кочовски, дипл.инж.арх.)

 

3. Изградено 1985
Музика, Чајковски. Лебеди во архитектурата на крајбрежјето и планините – Сочи, Кавказ. Е, да знаеш море мајсторе од Крива Паланка, што се создаваше. Да, тогаш кога играше валцер, па наклон и бацување рака во „Жемчужина“. Паметиш?

А јас велам ќе повториме делови од објавениот текст, да го израдуваме мајсторот. Комплексот „Заполарје“ денес. Објектите денес, фотографии. Мелодија на изграденото живее во олимписко Сочи, во современите композиции.

Мајсторот пее „Зајди, зајди“, а фотографииве велат „има негде уште сонце“…

img016
Сè започна во 1974 година во Дагомис, дел на олимписко Сочи. Хотелски комплекс од 100.000 м2 со сите содржини, соодветно наменети за меѓународен туризам.

Го градат здружените градежници наречени „Југословенски стројитељи“, а меѓу нив ГП „Маврово“. Некои објекти уште тогаш се нарекуваа со терминот „македонски домови“, што било синоним за висок стандард на самите градби и воопшто во градењето. Ништо случајно, нашите го граделе и олимпиското село во Минхен.

  1.Комплекс Запољарје
„Маврово“ во 1980 година започнува со проектирање и изградба на хотелски комплекс „Заполарје“ на бреговите на Сочи. Над 100.000 м2, вредност на работите 102.000.000 долари, проектната документација 6.000.0000 долари – во она време. Проектирано и изградено во целост во период од три и пол години – партер, паркови, спортски терени, крајбрежни објекти (пристаништа), затворени базени, лечилишта, ресторани, хотели и реконструкција на летниковецот на Берија. Ентериери и опрема – „Треска“, Скопје.

    4. Изградено 1985
Изградениот комплекс се покажуваше на светот, да види што има Сочи. Рускиот академик Пољански во својата книга „Комплекси отдиха“ од 1985 година го презентираше „Заполарје“ како најдобар комплекс во СССР.

    Проектантите на „Мавровопроект“ го презентираа проектот на Меѓународниот конгрес на архитекти во Софија, проследено со посебно внимание, аплауз.

     На Биеналето на македонската архитектура БИМАС, се здобија со признание за афирмација на македонската архитектура во светот.

    Со изградбата на овој комплекс раководеше градежниот инженер Миле Кастратовиќ. Беше прогласен за почесен граѓанин на Сочи.

Мајсторе, можеби е рано да ги бришеш солзите, слушај:

Македонските проектанти, градители и компании – „Бетон“, „Гранит“, „Македонијапроект“, „Маврово“, „Треска“, „Пелагонија“ и „ЕМО“ работеа и продолжија да работат во Сочи, Москва, Тула, Алтај, Урал, па стигнаа и до Камчатка. Мајсторот проектираше и градеше на три континенти. Стигна подалеку од Александар. На овие мајстори, воини, да им поставиме барем една спомен плоча, некаде на сокакот.

      20140624_181843
Во градежништвото на Македонија некогаш работеа над 50.000 луѓе. Своето умеење го покажуваа главно вон Македонија – 78%. Работите ги добиваа како афирмирани проектанти и градители, а во рамки на пазарните критериуми. Проектирањето е извоз на интелектуални услуги. Не се извезуваше работна рака на саат. Се преземаше градба од проект до целосна изградба на објектот, низ Европа, Азија и Африка.

       Каде сме денес, мајстори! Старата слава е како ехо. Сочи? Па пред две години руски инвеститор, кој гради во Скопје и Битола, побара да проектираме и изградиме хотел во Сочи за Олимпијадата – 40.000 м2.

      Можеме ли денес да преземеме таква обврска? Одговорот сите го знаеме.

Нашиот мајстор тогаш работеше за месечна плата од над 1.000 долари. Тогаш научи да игра валцер, облечен во тегет одело со лептир машна. Во ресторан одеше со такси. Но, започна да пее „Зајди, зајди“….

        Отпочна „мајсторијата“ на организираните тајкуни. Мајсторот изгради, инвеститорот плати, парите отишле до западните претставништва, ама не стигнале до Скопје. Нема плата, ниту на работниците, ниту на семејствата дома. Работниците штрајкуваат на градилиштата, фамилиите пред дирекциите. Инвеститорот прашува – платив, што значи ова? – „Зајди, зајди…“

      20140629_105417
Значи, залезот е на Исток, бидејќи Големиот брат е на Запад, ама залезот е дома. Дома нема ни месечина, ја помрачуваат миленичињата на Големиот брат. Мајсторе, од сега ќе носиш тарги и ќе удираш печати на источните или далекуисточните проекти, за 200 долари на месец. Па што сакаш, колку е кило патлиџани. И тоа „македонски дом“ да го прекрстиш во „БЈРМ – дом“. И запомни, парите од Исток или Далечниот Исток одат на Запад, до Берлин, Лондон, Кипар дури до Сејшелските Острови или Флорида.

          Тоа, мајсторе, се нарекува транзиција, сè што беше наше сега е негово. Граматика, мајсторе, од множина во еднина.

      Па тоа значи дека ќе ги приватизиравме фирмите. Како, па тие не беа нивни. Да, ама имаа сериозни недвижности. Административни објекти во центрите на градовите, одмаралишта покрај езерата, механизација. Чии се тие денес или што е со нив?

     Кога ќе видиш што сè си изградил и до каде сè си стигнал, да не биде тешко да се избришат солзите.

 5. Објект руски чај, 1985

Наравоучение:

Еден мудар американец, Чомски, вели дека „агендата ја диктираат интересите на моќните групи. Една од нивните главни цели е деструкција на државата. Бизнисот никогаш не бил во љубов со демократијата“.

Во градењето на олимпиското Сочи работеле 100.000 градители. Каде е нашиот мајстор? Па за транзиција додава, „деструкцијата на демократијата е најеклектантен пример за уништување на социјалната држава“.

Музика, лебеди во архитектурата на олимписко Сочи. Нема ни врапче од Македонија. Плачи вреден мајсторе, ако те има. Солзите ќе ти ги избрише Големиот брат.

Радован Раѓеновиќ дипл.инж.арх.

  * * *

Инспиративната тема од колегите архитекти Радован Раѓеновиќ и Предраг Кочовски, нѐ „присили“ на размислување, во наредниот период да направиме серијал од теми врзани за проекти, што македонската оператива ги изведуваше ширум светот. Се надеваме и очекуваме активна помош од фелата.

Од денешна перспектива, тие нестварни величини, генерации на проектанти, менаџери и изведувачи заслужуваат да не ги заборавиме.

Можеби ова ќе предизвика и некоја искра на амбиција на денешната генерација, да посака да тргне по тие „звездени патеки“ на македонското градежништво.

Испрати коментар

Scroll To Top