По шест години од купувањето на земјиштето во близина на Загреб и инвестиција од 100 милиони евра, познатата стоковна куќа „Икеа“ конечно пристигнува во Хрватска.
Овој објект на „Икеа“, во населбата Ругвица во близина на Загреб, од 38.000 квадратни метри ќе биде најголем во регионот, дури и поголем од оној во Грац. Менаџерот на „Икеа“ во Загреб Георг Платцер изјави во интервју за „Јутарњи“ дека во првата година се очекуваат три милиони посетители, како и 60 милиони евра промет.
Платцер очекува купувачи од Србија, Словенија и Босна и Херцеговина.
Георг Платцер најави дека во загребската „Икеа“ ќе може да се купат сите 9.500 производи на Икеа и цените на производите ќе бидат пониски отколку во Австрија, иако данокот во Австрија е 20 а во Хрватска 25 отсто. Планот е исто така, на лагер да ги има сите производи, а клиентите да можат веднаш да ги носат дома.
За самото отворање на 21 август, „Икеа“ не планира никаква посебна акција или попусти поради стравот од преголем метеж.