Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и амбасадорот на Швајцарската конфедерација Стефано Лазарото денеска потпишаа два документа со кои ќе почне реализацијата на проекти во областа заштита на водите во Кочани и во Струмица.
Првиот билатерален договор е за реализација на проектот за изградба на систем за собирање и третман на отпадни води во Кочани.
– Проектот се состои од изградба на пречистителна станица за отпадни води во Кочани, изградба на главен колектор од градот до локацијата предвидена за пречистителна станица и набавка на опрема за работа и одржување канализациска мрежа. Овие зафати ќе чинат околу 23 милиони швајцарски франци, од кои околу 2 милиони се на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Кочани, рече Изаири.
Со вториот Меморандум се дефинира правната рамка за соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Швајцарската агенција за развој и соработка. Меморандумот се однесува на подготовка на Планот за управување со струмичкиот речен слив и изработка на подготвителна студија за Националниот регистар на подземни води во Македонија.
– Вредноста на проектот е 300 илјади швајцарски франци, а дополнителни 100 илјади се наменети за финансирање потенцијални дополнителни експерти за подземни води, посочи Изаири.
– Со овој проект ќе се отстранат отпадните води од Кочани, реката Брегалница ќе добива чиста вода која ќе биде безбедна за подоцнежно користење, за водоснабдување, за пиење, за наводнување на плодните кочански полиња, за штипскиот регион и за повторно воспоставување на водниот биланс и заштита на еко системите, истакна Лазарото.