Меѓународната изложба „Златните лица на македонските кралеви – Македонците и Келтите од Охридскиот регион“, дел од проектот на Европската Унија „Судир на културите“, координиран од универзитетот од Приморска, утре ќе биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.
Ова на прес-конференцијата го најавија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Археолошкиот музеј Виктор Лилчиќ и Весела Честоева.
Во изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноември, партиципираат Археолошкиот музеј на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Музејот на град Неготино и „Келтен ромер музејот“ од Германија во координација со нашата Управа за заштита на културното наследство.
„Поставката составена од 62 вредни артефакти кои потекнуваат од 5 до 3 век пр.н.е. и кои се пронајдени на територијата на нашата земја за време на археолошките истражувања, е потврда за моќта на македонската аристократија, како и за контактите меѓу предисторискиот Централно-европски келтски свет и Медитеранската култура на империјална Македонија во период меѓу VI и II век пр.н.е“, истакна министерката за култура.
„Златната маска и ракавица, златен накит, монетите, медалјоните стари 25 века, познатата фигурина на Изида од алабастер, садови од керамика, белегзии, оружје, келтски шлемови, но, и другите предмети сликовито ја раскажуваат приказната за Македонија, која е неизоставен дел од мозаикот на европската цивилизација и култура. Артефактите се доказ за нашиот културно-историски идентитет, тие ја претставуваат материјалната вистина за развојот на цивилизацијата на македонското тло“, посочи Канческа-Милевска.
Директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Археолошкиот музеј Виктор Лилчиќ и Весела Честоева велат дека време е Македонија да се појави пред светот со ова огромно културно и пребогато наследство.
„Во Манхинг се појавуваме со три блока предмети, кои потекнуваат главно од градот Лихнид на Охридското Езеро. Тука е златниот трезор од Тревник, во близина на Неготино и предметите на Келтите кои своите животи ги положиле за одбрана на граѓаните на Лихнид“, рече Лилчиќ.