Педесет и првата годишнина од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, градските власти ќе ја одбележат со повеќе настани и со изложбата „Скопје 63, филмска хроника на едно време“. Изложбата ќе биде отворена во сабота навечер во 20.30 часот во Музејот на град Скопје.
Претходно, годишнината од трагичниот настан ќе се одбележи со полагање свежо цвеќе на градските гробишта, пред споменикот на загинатите во земјотресот и со традиционалната крводарителска акција што ја организира Црвениот крст на град Скопје од 10 до 18 часот.
Во Музејот на град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање посветено на Скопје, по што градоначалникот Kоце Трајановски ќе ја отвори изложбата. Ќе биде прикажан и филмот „Скопје ‘63“ на режисерот Вељко Булаjиќ.