Од викендов почна со работа „Ројал Македонија“, првата од неколкуте галии што се поставени во реката Вардар, а е во непосредна близина на МЕПСО. Ќе функционира како мезе-бар и кафуле, со цени и работно време како и останатите слични угостителски објекти низ градов.
Инвеститор на овој и на бродот што се гради спроти новото МНР е фирмата „Фаланга“. Конструкцијата и на двата брода е од челик и дрво, а внатрешноста е од гипс- картон. Всушност, изградени се од материјал кој може лесно да се демонтира со оглед на тоа дека станува збор за урбана опрема. Бродот спроти МНР се’ уште е во изградба.
Инаку, освен фирмата „Фаланга“, брод во Вардар гради и сопственикот на ресторанот „Воденица“. Овој брод е стасан речиси до половина. Според договорот со Градот, тој треба да биде готов в година. Тој ќе биде првиот хотелски објект на Вардар. Предвидено е сплавот-хотел да има 16 соби, два апартмана. Ќе има три ката, ќе биде долг 35, широк 16 метри со едра високи 35 метри. Сплавот генерално ќе биде изграден од дрво.
Освен овие три сплава, во Вардар е предвидено да има шест такви објекти. Но, очигледно, никој не сака да изгради галии од другата страна на Вардар. Преостанатите три локации наменети за сплавови се’ уште се празни. Нема ниту еден заинтересиран инвеститор и по речиси две години и неколку распишани огласи од градските власти. Маркици за сплавови има пред Театарот, Музејот на ВМРО и пред МНР.