Модерната фамилијарна куќа Катарина е едно од оние катчиња на земјата каде секој би посакал да живее. Урбана оаза на мир по мерка на современиот човек. Она што првенствено ѝ дава волшебност е совршената локација. Оддалечена на 20 минути возење од Љубљана, куќата се наоѓа на локација која нуди имресивни погледи, што станува и главен сегмент на нејзиното ентериерно уредување.
Сраснат со пејзажот, дневниот престој станува своевидно кино со „проекциско платно“ на кое се гледа континуирана глетка на околниот пејзаж, планини, безбројни стебла, шуми и ливади.
Проектот го потпишуваат „МултиПлан Архитекти“, чија мисла водилка е одржливоста и развојот во контекст на денешните потреби и приоритети на современиот човек. Куќата се наоѓа на проближно 700 метри надморска височина, и така е замислена да ги искористува природните ресурси на најдобар можен начин, почитувајќи го природното опкружување.
Константното присуство на голема количина природна светлост е овозможено со лесна челична конструкција, со големи панорамски осветлувања на јужната фасада, притоа создавајќи неограничена екстензија на внатрешниот со надворешниот простор. Спротивно на него, северниот дел е вкопан, потпрен на теренот, така што горниот кат е искористен како пристапен кат во објектот.
Невообичаено, на горниот кат е сместена дневната соба, за да ги искористи максимално убавите погледи од висина, додека на долниот кат се позиционирани спалните соби.
Архитектите од „МултиПлан“ нагласуваат дека куќата се одликува со прецизно поставување на градбата во простор и нејзина суптилна интеграција со природата и руралното опкружување. Таа претставува совршено бегство од брзото секојдневие на кое е изложен современиот човек.