Во саботата во 21 часот, во стариот дел на Охрид, беше отворено ателје-работилница и продажна галерија за филигран на младата архитектка од Охрид, Марта Пејоска.
Марта има дипломирано на Архитектонскиот факултет во Скопје, а професијата архитект наоѓа соодветна рефлексија во нејзината огромна пасија кон филигранската техника и нејзината изработка, што како древна уметност и занает бил исклучително негуван од одредени охридски фамилии во минатото и е репрезент на нашата култура и традиција.
Внесувајќи архитектонска естетика во своите уметнички креации, Марта ја продолжува оваа прекрасна традиција на изработка на филигран во еден современ контекст, во кој накитот е многу повеќе од украс за една современа жена. Во простор во кој дишат боите на старата охридска куќа – чистата бела искомбинирана со кафеавите минимални потези, со префинето чувство за детали, Марта се чини пренела дел од „белото езеро“ во ентериерот. Филигранскиот накит и накитот од сребрени нишки изгледаат толку спонтано во изложбената сценографија, како нанос од бран на белите камења што ја носат меморијата на песочните плажи од охридското крајбрежје.
Белата боја употребена во трите димензии дава свеченост и волуминозност на просторот, а додавањето на големо огледало наспроти влезот, предизвикува визуелна екстензија на перспективите вон границите на ентериерот. Во прекрасниот амбиент посетителите ќе имаат ретка можност да видат како Марта рачно ги „ткае“ своите уметнички филигрански приказни, запознавајќи ги со уникатната техника на изработка. Марта беше дел од креативната четворка што изложуваше уникатен современ накит на изложбата со инспиративен наслов „Во синило те намамив“, која лани се одржа во Охрид, а годинава во дополнето издание, во Скопје.