Екстремните климатски услови веќе почнавме да ги прифаќаме како вообичаена појава. Во продолжение, погледнете ја листата на десет екстремни климатски феномени подготвена од Deutsche Welle:
1. Најтопол ден во историјата: 10 јули 1913, во Долината на смртта (Death Valley). Кај Фурнас Крик во американската сојузна држава Калифорнија термометарот покажал дури 56,7 Целзиусови степени.
2. Наспроти тоа, селото Оимјакон во сибирската република Јакутија во Русија важи како најстудено населено место во светот. Во 1926 година измерни се рекордни -71,2°C! Во истражувачката база Восток на Антарктикот во 1983 година живата во термометарот падна на -89,2°C.
3. Градот Јума во Аризона е најсончевото место на земјата. Таму сонцето свети речиси цела година: вкупно 313 дена.
4. Смртоносен град: Во 1986 година досега најсилнот град го погоди Гопалгањ во Бангладеш и однесе 92 човечки животи. Наводно паѓале зрна тешки повеќе од еден килограм. Од 2010 година во САД се чува досега најголемото зрно град – тоа има дијаметар од речиси половина метар!
5. Черапуњи во Индија го држи светскиот рекорд во најголемо количество дожд кој паѓал 48 часа. Од 15 до 16 јуни 1995 година паднале дури 2.493 милиметри дожд.
6. Од друга страна, пак, луѓето во Арици, во Чиле, од 1903 до 1918 страдале од најсушен период во историјата – 173 месеци не паднала капка дожд.
7. Најсмртосниот ураган го погоди Мјанмар во мај 2008 година. Наргис усмрти 138.000 луѓе. Ураганот Хаијан кој ги погоди Филипините во ноември 2013 немаше толку катастрофални последици, но со 310 километри на час беше уште посилен.
8. Снег во Каиро? Навистина во декември 2013 во главниот град на Египет падна снег за прв пат во последните 112 години. Истата година главниот град на Русија, Москва, го прекри досега најдебелата снежна покривка од 65 сантиметри.
9. Најмногу молњи има над езерото Маракаибо во Венецуела. На местото каде реката Кататумбо се влева во езерото има 18 до 60 молњи во минута и до 3.600 во еден час.
10. И Германија држи еден метеоролошки рекорд: 330 дена магла. Тоа е забележано во 1958 г. на врвот на планината Брокен во Харц. Најмногу магловити часа по ред досега во Германија, меѓутоа, се забележани во Тириншката шума – 242 часа, значи повеќе од 10 дена, и тоа во 1996 година.