За целиот семеен дом на кавадаречкото семејство Сапунџиеви, струја се обезбедува од сончевите зраци. Тие се, најверојатно, први во Тиквешијата, а меѓу првите и во Македонија што поставија и пуштија во работа фотоволтаици со капацитет од 6 kW за производство на електрична енергија. Сега сите нивни електрични апарати во домот работат на соларна енергија.
„Системот обезбедува голема автономија и во ноќниот период благодарение на енергијата што се добива преку денот, и се акумулира во специјалниот батериски систем“, објаснува Љупче Сапунџиев.
Оваа мала фотоволтаична централа е поставена на алуминиумска конструкција на покривот од станбениот објект на улицата Kиро Kрстев во Kавадарци. Целокупната опрема е од светски познати компании во соларниот бизнис, а нејзин изведувач е компанијата „Инел техник“ од Kавадарци, која е во суштина семејната компанија на Сапунџиеви.