Општина Шуто Оризари од септември ќе добие средно училиште за стручни и технички услуги, одлучи Град Скопје.
Одлуката на Градот, предвидувa основање на средно насочено образование, каде најверојатно ќе може да се обучуваат и медицински сестри, градежни и економско-правни техничари, геодети, келнери, фризери и друго.
Изградбата на училиштето е во завршна фаза. Предвидено е да има капацитет за 720 ученици во две смени.
-Средствата за непречено и нормално функционирање, односно за вршење на воспитно-образовната дејност ќе се обезбедат од буџетот на Скопје и буџетот на Македонија преку блок-дотации, од легати, подароци, завештанија, од проекти одобрени од министерот за образование и наука, од камати и дивиденди на пласирани средства, од трговски друштва, јавни претпријатија, установи и органи на државна управа во кои се остварува практична обука на учениците, од продажба на производи и услуги кои се резултат на вршење на основната дејност и други извори, обрзложуваат од Град Скопје.
Во учипиштето ќе се вработат наставници кои веќе се ангажирани во скопските средни училиште. Ќе биде ангажиран и дополнителен кадар, во согласност со утврдените процедури за вработување лица на определено и неопределено.
Според процедурата, Град Скопје треба да достави барање за одобрение до Министерството за образование и наука, а потоа МОН ќе изготви и достави информација до Владата за отворање на новото училиште. Доколку Владата се изјасни позитивно за отворање на училиште, Град Скопје ќе поднесе барање за верификација на средното училиште до МОН.