Насловна / Порта3 / Разработките за топлинските мостови да влезат во македонската регулатива

Разработките за топлинските мостови да влезат во македонската регулатива

ПРОМОЦИЈА НА ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈА „ЛИНЕАРНИ ТОПЛИНСКИ МОСТОВИ ВО ЗГРАДИ ВО РЕГИОНИ СО СЕИЗМИЧКА АКТИВНОСТ” НА НИКОЛОВСКИ

Пионер на енергетската ефикасност во Македонија. Вака д-р Димитар Назрски, професор на Универзитетот по архитектура, градежништво и геодезија во Софија го нарече новиот македонски доктор по технички науки Петар Николовски на презентацијата на неговата докторска дисертација на тема “Линеарни топлински мостови во згради во региони со сеизмичка активност”, што се одржа во Скопје. Трудот е работен на Универзитетот по архитектура, градежништво и геодезија во Софија, а одбранет пред комисија на специјализиран научен совет при вишата акредитациона комисија на Бугарската академија на науки.

Назрски го сместува Николовски во групата водечки специјалисти во областа во регионални рамки и вели дека со оглед на тоа што проблемот со топлински мостови кај сеизмички градени згради не е разработен ниту во европската регулатива, неговиот труд може да влезе и во овие норми. “Ние би сакале деталите во врска со топлинските мостови разработени во неговиот труд да влезат во нормативните документи во Македонија, а си дозволувам да кажам дека би сакале да влезат и во бугарските. Тоа ќе биде добро средство во рацете на проектантите за подобрување на енергетската ефикасност”, рече д-р Назрски.

Според Атанас Србовски, директор на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, дисертациониот труд на архитект д-р Петар Николовски и придобивките од него извонредно се совпаѓаат со актуелниот момент во Македонија, а основниот придонес од него е изработка на каталог за топлински мостови во згради во региони со сеизмичка активност. Каталогот, вели Србовски, веќе доби своја прва примена во практиката и е составен дел во методологијата за пресметка на енергетските карактеристики на згради и нивната спецификација, што се основни барања содржани во соодветниот македонски правилник.

Давајќи рецензија на докторатот на Николовски, д-р Светлана Петковска-Ончевска, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, рече дека дисертацијата обработува многу актуелна тема, зашто 40 отсто од потрошувачката на енергија е во градежниот сектор. “Затоа, правилното решавање на деталите на топлинската изолација ќе придонесе за значително намалување на потрошувачката на енергија за затоплување и ладење”, оцени таа. Професор Ончевска нагласи дека трудот содржи 267 страници текст со многу убав македонски јазик и графички прилози и табели во кои се дадени значајни квантитативни параметри.

Менторот на дисертацијата доцент д-р инженер Стоил Милков од Универзитетот по архитектура, градежништво и геодезија во Софија рече дека му било задоволство да работи со Николовски, а впечаток му оставиле неговите големи познавања од областа на топлотната изолација. “Основна препорака за иднината е да се разработи еден доволно богат каталог кој ќе ги вклучи сите можни топлински мостови, за да можат луѓето од практиката да го користат без проблеми”, истакна тој.

Директорката на Институтот за стандардизација на Република Македонија Жаклина Сековска, пак, нагласи дека како претседател на Техничкиот комитет за топлински карактеристики на згради и градежни компоненти Николовски многу придонел за тоа европските стандарди да се усвојат како македонски. “Научните сознанија од дисертацијата можат да имаат не само национална, туку и регионална примена. Ова може да покрене иницијатива за регионална соработка било во рамките на националните тела за стандардизација или во рамките на надлежните
институции за енергетска ефикасност”, забележа таа Професор д-р Предраг Гавриловиќ од Институтот за земјотреснио инженерство и инженерска сеизмологија “Скопје“ оцени дека докторатот на Петар Николовски е класичен пример на истражувачки труд со сите елементи на мултидисциплинарност.

 

С.В.
Објавено во број 91.

Испрати коментар

Scroll To Top