За да можат гостите од регионот да имаат пријатен престој во бањата „Кежовица“ во Штип, ЈП „Исар“ реновираше дел од бањскиот комплекс. Обновата ги опфаќа просториите кои служат како мини-хотелско сместување за гостите од страна. Обновена е фасадата на дел од објектот, поставени се нови ПВЦ прозорци и врати, сменет е ламинатниот под и хортикултурно е уредена локацијата околу објектот, пренесува порталот 1.мк
Ова е само почеток на зафатот, бидејќи како што најави раководството на ЈП Исар, следи период на реконстуркција на бањскиот комплекс внатре, со што овој дел од објектот ќе има далеку похумани и поубави услови за престој. Градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев кој беше на промоцијата изјави дека е штета што не се користат встинските потенцијали на бањата Кежовица: Уште од римско време, луѓето го знаеле општото добро и важноста на еден град да има бања. Штип е среќен што има бања, што има термоминерални води кои имаат и лековити својства. Тоа е голема можност за градот, за бањскиот туризам. За жал, нашата бања не е во кондиција која може да генерира и профит и привлекување на туристи од странство. Со давањето на одделот за физикална терапија на штипскиот Универзитет, и со ваквите зафати на ЈП Исар, се отворат нови можности за Кежовица.
Захариев напомена дека сакаат топлата природна вода од Кежовица да ја донесат до градскиот базен каде е готов нов ДУП со кој ќе се овозможи изградба на аква центар. Ако водата од Кежовица биде спроведена до оваа зона, тоа ќе значи нов момент за развој на спа туризмот и за отворањето на аква центарот.
Според в.д. директорот на ЈП Исар, Ангел Бојаџиев, следен проект е обнова и реконструкција на машкото одделение, каде условите за престој се многу лоши. Женското одделение е реконструирано, но без обнова на машкиот оддел, бањата Кежовица нема да биде вреднувана онака како што треба, посебно кога има интерес од странски гости за престој. Тој напомена дека во бањата Кежовица и во благодетот на водата која е над 60 степени уживаат гости од Германија, а со реконструкцијата е се отворат можности за привлекување на други туристи.