Изградбата на новиот Бит-пазар ќе почека барем до наесен. Модернизацијата на пазарот со приземно и надземно ниво сè уште тапка во место, иако лани беше презентирано ново современо решение со традиционални белези на површина од 15.000 квадратни, пишува „Утрински весник“. Општина Чаир и „Скопски пазар“ најавија градежни активности за летото минатата година, а веќе деценија наназад на пазарџиите им ветуваат подобри услови, поголема хигиена и инфраструктурно поквалитетен работен простор. Пазарџиите, пак, на неколку наврати ја блокираа главната чаирска сообраќајница „Крсте Петков Мисирков“, а Здружението „Просперитети“ бараше да се дислоцираат дивите тезгаџии што им го земаат лебот и притоа да биде изграден нов пазар кој ќе донесе пристојни стандарди и за продавачите и за купувачите.
Бит-пазар е под капата на А.Д. „Скопски пазар“. Компанијата управува со 16 зелени и еден сточен пазар со површина преку 100.000 квадратни метри затворен и отворен продажен простор и преку 2.500 градски тезги.
Инаку, како проектант на новото идејно-решение за пазарот беше најавен Кокан Грчев, професор на Универзитетот „Американ колеџ“, Факултет за архитектура и дизајн. Архитектот на ланската промоција на проектот рече дека ова е дел од идејата да се приклучи Бит-пазар како интегриран дел од Скопје. Со зафатите нема само да се подобри ситуацијата со пазарот, туку драматично би се променила и сликата за овој дел од градот.