Градскиот трговски центар во Скопје треба да се реконструира но да го задржи сегашниот архитектонски изглед – вака се изјаснија над 82 отсто од читателите на анкетата што ја спроведе порталот „Фактор“ меѓу своите читатели. Само 18 отсто од читателите сметаат дека ГТЦ треба да се реконструира и да добие целосно нов лик во „барокен“ стил. Според дел од архитектите, ваквиот став на читателите е очекуван.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија велат дека анкетата покажува дека граѓаните знаат да препознаат вистински вредности.
– Искрено не бев убедена дека со толку убедлива разлика граѓаните ќе го сакаат вистинскиот ГТЦ. Ме радува фактот што предноста за зачувување на автентичноста на ГТЦ е убедлива. Граѓаните покажаа дека ГТЦ е објектот во кој се препознаваат и тие и градот. ГТЦ е идентитетот на Скопје, – изјави за порталот претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.
Раководството на ГТЦ останува на ставот дека нема да има промени во идејното решение, со кое е предвидено реконструкција на внатрешниот дел на трговскиот центар и на фасадата што ќе добие барокен стил. Директорот на ГТЦ Аго Абазовски, за порталот изјави дека основниот проект ќе биде готов наесен, а во однос на реакциите на архитектите и анкетата, одговори дека секој има право на свое мислење.
– Основниот проект е при крај, најверојатно ќе биде готов во септември и ако се оди по планираната динамика следната пролет ќе почне реконструкцијата. Трговскиот е руиниран и му е потребна реконструкција особено на внатрешниот дел, инсталацијата, и секако фасадата. Нема отстапки од избраното идејно решение, а секако секој има право на свое мислење, – рече за порталот директорот Абазовски.
Минатата недела архитектите од ААМ под мотото „Го сакам ГТЦ повеќе од кога било“, соопштија дека поднеле иницијатива до општина Центар да распише референдум и да ги праша граѓаните дали се за идејата за „барок“ или за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. Архитектите изјавија дека повеќе пати апелирале да престане идејата за барокна фасада на трговскиот центар, но сите нивни обиди завршувале без успех. Од ААМ очекуваат општина Центар во најбрз можен рок да ја изгласа одлуката за референдум, но и да се преиспитаат постојаните измени на Законот за градење кои одат во полза на проектот „Скопје 2014“.
Лани архитектите од ААМ беа првите што го кренаа гласот против менувањето на фасадата на ГТЦ, и преку кампањата „Го сакам ГТЦ“, покажаа зошто не треба да се менува ликот на овој култен објект. На петицијата за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ се потпишаа над 4.000 граѓани.
Инаку, основниот проект што се подготвува е врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според идејното решение на авторите, фасадата што гледа кон Собранието ќе биде „неокласицистички“ стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја. Сегашниот објект е изграден според идејното решение на професорот Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1971 година.