Мала хидроцентала ќе биде инсталирана на цевководот кај Прилеп на регионалниот водовод Студенчица. Според генералниот директор на ЈП „Студенчица“, Гоце Наќески, целта е системот да се искористи енергетски со изградба на мали хидроцентрали. Една мала централа веќе постои под изворот Студенчица, кај село Добреноец, каде што генератор со моќност од 440 KW веќе произведува електрична енергија.
„Сигурна е изградбата на уште една хидроцентрала на резервоарот Варош во Прилеп со моќност од 200 KW, што е инвестиција од околу 30 милиони денари. Ја очекуваме студијата што предвидува изградба и на уште две мали централи или вкупно четири. Документот треба да ја покаже економската исплатливост на вложувањето. Искористување на системот преку ваквите одржливи решенија, ќе влијае на задржување на постојната цена на водата и истовремено ќе се обезбедуваат дополнителни средства за одржување на системот, на кој му е истечен амортизацискиот период од 30 години, бидејќи сега тече 34-та година од експлоатацијата“, вели Наќески.