Претпријатието „Јужен тек Србија“ вчеравечер со компанијата „Центргас“ потпиша договор за изградба на крак на гасоводот Јужен тек во Србија. Договорот го потпишаа генералниот директор на „Центргас“, Станислав Аникејев и кодиректорите на претпријатието „Јужен тек“ во Србија, Душан Бајатовиќ и Александар Сиромјатин.
Тие порачале дека е тоа „историски ден за српската енергетика и дека првите количества гас по Јужен тек низ Србија ќе протечат до крајот на 2016 година, како што е и планирано“.
Договорот е вреден околу 2,1 милијарди евра. Според соопштението на „Србијагас“, Бајатовиќ им се заблагодарил на рускиот претседател Путин и српскиот премиер Вучиќ кои, како што рекол, помогнале да се решат некои отворени прашања, што овозможило потпишување на договорот.
Бајатовиќ најави дека наскоро ќе биде потпишан и договор за кредит за српската делница на Јужен тек, нагласувајќи дека парите се обезбедени и дека компанијата „Јужен тек-Србија“ кредитот од околу 700 милиони евра ќе го добие од „Гаспром“.
Тој додаде дека за српската делница е направен идеен проект, дека е издадена локациска дозвола, а наредните недели се очекува и градежна дозвола за целата делница. Потоа ќе следи експропријација на земјиштето и на крајот потпишување на големи договори за испорака на цевки и компресорски станици.
Во договорот има и заштитна клаузула за српските компании, која овозможува тие во што поголем обем да учествуваат во работите на изградба на гасоводот низ Србија.