Во густо изградениот дел на старото јадро на далматинското гратче Пакоштане, близу Задар, во Хрватска, на брегот, планирано е проширување на постоечка семејна куќа со доградба-анекс. На исклучително тесниот простор помеѓу постоечката градба и соседниот објект треба да се сместат што повеќе комерцијални апартмани со поглед на море.
Новата доградба е планирана како неутрален волумен, за да не го гуши просторот дополнително. На затворениот уличен фронт анексот ја прати висината на венецот и кровниот нагиб на постоечката куќа, додека на јужниот фронт целосно се отвара кон брегот и пакоштанскиот архипелаг преполн со острови и едрилици.
Експонираноста на југот и сонцето, неутрализирани се со длабоки лоџи и бели полутранспарентни капаци кои му осигуруваат на корисникот интима, но без блокада на погледот кон надвор. На зима, овие капаци можат потполно да се затворат, со што куќата добива сосем чист, бел волумен припремен за јаки налети на ветар и дождови специфични за ова поднебје. Долгата а тесна форма на основата е разбиена со полуетажи со што се одделува дневниот од ноќниот дел за одмор, но и со помош на боите што ги одвојуваат лоџите од дневниот престој. Всушност, црвените лоџи во комбинација со подвижните бели вертикални панели, создаваат визуелна динамика додека се користат, парафразирајќи ја сликата на местото.
Проектантите на овој анекс, архитектите Ката Маруница и Ненад Равниќ од студиото НФО од Загреб, истакнуваат дека проектантската задача била исклучително тешка, затоа што основата е долга а тесна, во ширина само шест метри, површина на основата 160 м2, а притоа програмските барања на клиентот се да се остварат максимален број на апартмани, со минимален буџет од 2250 куни/ m2. Овој проект е номиниран за наградата „Драго Галиќ“ за најуспешна реализација во областа на станбената архитектура во Хрватска за 2013 година, кое го доделува Здружението на хрватски архитекти.