Изградбата на монтажните кровови на сцените на Долни Сарај и Античкиот театар, на кои годинава се очекува да настапат врвни уметници во рамки на најновото издание на фестивалот „Охридско лето“, е завршена.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска изрази големо задоволство од квалитетот и изгледот на поставените конструкции со кои од временските неприлики ќе бидат заштитени уметниците кои ќе настапат на двете сцени во рамки на фестивалот.
– Со големо задоволство и воодушевување морам да кажам дека сето она што го направивме и ветивме, покривање на сцените, е направено до перфекција и според светски стандарди. Тие ќе бидат од огромна функција за уметниците и сите странски ансамбли и уметници кои доаѓаат на „Охридско лето“, рече Канческа- Милеска која упати благодарност до Завод и музеј Охрид за успешно завршените проекти, како и до локалната самоуправа и градоначалникот за дадената подршка околу уредувњето на двете сцени.
Најновото, 54. издание на фестивалот „Охридско лето“ на сцената на Антички театар ќе биде отворено на 12 јули со голем спектакл на оперската дива, Барбара Фритоли, и еден од најголемите баритони на денешницата, Лео Нучи, во придружба на Македонската филхармонија.
Во текот на фестивалот на сцената на Антички театар ќе се одржат и низа други концерти кои се очекува дека ќе го привлечат вниманието на публиката. Меѓу нив е и најавениот спектакл, настапот на феноменалниот интернационален вокално-театарски перфоманс, The Voca People, кој ќе се одржи на 1 август.