Насловна / Вести / Манастирот „Св. Јован Претеча“ во село Слепче слави 1.000 години

Манастирот „Св. Јован Претеча“ во село Слепче слави 1.000 години

1000 godini slepce manastir

Со големо милениумско чествување, манастирот „Св. Јован Претеча“ во село Слепче, Демирхисарско, денес ќе се обележува 1.000 години од неговото постоење.
Чествувањето е дел од Демирхисарското културно лето, што се одржува првпат и ќе трае три месеци, а чиј уметнички координатор е актерот Игор Џамбазов, кој живее во Слепче.
На милениумското чествување духовна порака ќе испратат познатите актери Раде Шербеџија, Мето Јовановски, Анастас Поп Димитров од Бугарија, Димитри Оргоцка од Албанија, Криса Јоаниду од Грција и Нико Горшиќ од Словенија. По ова ќе биде изведен и рециталот „Херувимите на Самуиловата круна“ од авторот Зоран Пејковски, а во изведба на битолски актери.
„Ова покажува колку се длабоки цивилизациските корени на овој простор“- изјави Љупчо Блажевски, градоначалник на Демир Хисар.
Манастирот „Св. Јован Претеча“ датира од седми век, но со чествувањето се прави спој на неговото постоење со смртта на Цар Самуил и со селото Слепче кое опстојувало од порано и е поврзано со трагичната одисеја на ослепените 14.000 војници во битката кај Беласица во 1014 година.
На Културното лето ќе гостуваат театри, ќе се организираат ликовни колонии и проекции на филмови.
Дел од програмата ќе биде и Петровденска поетска беседа на гробот на македонскиот писател Петре М. Андреевски во неговото родно село Слоештица.

Испрати коментар

Scroll To Top