Општина Маврово Ростуше деновиве додели 30 нови решенија за легализација на бесправно изградени објекти на физички и правни лица. На подрачјето на оваа општина, која опфаќа 42 населени места, досега биле доставени 3.775 барања за легализација од кои над 1.000 се решени.
„По поголемиот дел од барањата не можеме да постапуваме, зашто сопствениците се уште го немаат поднесено геодетскиот елаборат. Врз тоа влијае и продолжениот рок за легализација на дивоградбите“, вели Харис Ибраими од општинското одделение за урбанизам.
За разлика од оваа општина, во Дебар од 2.086 барања решенија добиле само 715 лица, за седум има негативни решенија, а другите се со некомплетна документација.
„Главна причина што ја посочуваат граѓаните е скапата изработка на елаборат. Во 150 барања секторот утврди дека има проблеми од имотно-правен аспект, кој не може да се реши“, вели Петрит Пачуку, раководител на секторот за урбанизам при локалната самоуправа во Дебар.
Легализацијата на дивоградбите тешко оди и во Општина Центар Жупа.
„Од повеќето од 1.500 барања досега легализирани се околу 200 дивоградби. Главната причина за доцнењето е некоплетираната документација, односно недоставените елаборати“, вели Хари Имероски.