„Четврта смена“ е мотото на овогодишниот четврти Skopje Design Week, кој од 23 до 28 септември ќе се одржи во Куршумли Ан.
Според организаторите, ова издание на фестивалот ќе понуди програма којашто ќе ги оправда очекувањата на урбаната публика, дизајн и бизнис заедницата. Фокусот и оваа година, како што нагласи Александар Велиновски, директор на Skopje Design Week, ќе биде платформата која ги обединува дизајн и бизнис секторот и која се обидува таа врска да ја зајакне и направи уште пофункционална.
– Минатогодишниот меѓународен повик за дизајн на етикета на врвно македонско вино од винарската визба „Тиквеш“ е одличен пример за синергија меѓу бизнис секторот и креативната индустрија. Конкретен резултат од оваа соработка е лансирањето на пазарот на виното „Шардоне“ на ВВ „Тиквеш“, кое го краси етикета која ја освои првата награда минатата година, – рече Велиновски.
Станува збор за уникатно дизајнерско дело на авторката Дијана Димитриевска, избрано во конкуренција на 467 решенија понудени од креативци од целиот свет. Димитриевска истакна дека учеството на овој натпревар претставуваше одлично искуство и начин за докажување на сопствениот креативен потенцијал.
Елена Младеновска Јеленковиќ, маркетинг менаџер во винарската визба „Тиквеш“, најави дека по минатогодишниот конкурс, ја продолжуваат соработката со Skopje Design Week и оваа година, одат чекор понапред со објавување меѓународен повик за интегрално решение за брендирање на нивниот нов автентичен производ – гроздовиот мед.
– На ваков начин, сакаме да креираме уникатен идентитет на овој природен и исклучително здрав производ, кој и досега го произведувавме, но не комерцијално. Поради се поголемата побарувачка, сметаме дека треба да го направиме препознатлив и достапен за потрошувачите во Македонија и пошироко, – изјави Младеновска Јеленковиќ во врска со повикот што е објавен денеска.
Конкурсот ќе биде отворен до 5-ти септември оваа година, а изборот на најдобро решение за брендирање на новиот производ ќе го изврши меѓународно жири. Дополнителна стимулација претставува и самата награда за најдоброто решение, која изнесува 2.000 евра.
Инаку, пријавувањето на компании, нови брендови, млади иноватори, дизајнери и институции, за учество на годинешниот Skopje Design Week е во тек и трае до 20 јули.
Новина оваа година на фестивалот е што како земја во фокус ќе биде Франција. Претставени ќе бидат 10 реномирани дизајнери и француски дизајн студија. Практичните работилници ќе бидат зголемени и во квалитет и во квантитет со директна поврзаност и вмрежување со деловните субјекти. Новина е и гастро талент зоната, а музичката програма ќе понуди настап на бендови главно од странство.