Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за 820 милиони долари ќе го гради новиот автопат што ќе ги поврзува Косово и Македонија. Косовското министерство за инфраструктура го потпиша договорот за автопатот, што се оценува дека ќе има огромно значење за транспортното поврзување меѓу двете земји.
Министерството сооопшти дека работите на изградбата на автопатот ќе почнат денес.
„Овој автопат ќе биде втора сообраќајна артерија по важност на Косово, која ќе нè поврзува со Македонија и ќе му помогне на Косово да стане раскрсница за сообраќај од грчките и албанските пристаништа“, изјави косовскиот министер Фехми Мујота.
Конзорциумот „Бехтел-Енка“ е составен од компаниите „Бехтел Интернешенал“ со седиште во Сан Франциско и компанијата „Енка“ со седиште во Истанбул. Овој конзорциум во 2010 година го доби и договорот вреден една милијарда долари за изградба на автопатот што ги поврзува Косово и Албанија. Овој автопат беше завршен во 2013 година.