Во средината на мај, беа објавени резултатите од распишаниот конкурс за идејно скулптурално-архитектонско решение на Спомен обележјето на Гордан Ледерер, снимател на Хрватската Радио и Телевизија, кој загина на ридот Ќукур, во Хрватска Костајница, на 10 август во 1991 година, извршувајќи ги своите работни обврски околу известувањето за воените дејствија. На конкурсот што го распиша ХРТ, пристигнаа 18 трудови од кои за победнички е избрано решението на академскиот скулптор Петар Баришиќ и архитектите од НФО (автори: Ката Маруница и Ненад Равниќ со нивните соработници).
Концептот на победничкото решение е следното: изгубена леќа на работ на падината од ридот Ќукур, над долината на реката Уна. Леќата е напукната и зариена во трева. Пристапната патека насочува кон споменикот, престанува на 10 метри пред него, оставајќи го самиот споменик – објектив, недопрен и опкружен со празнина. Преминот на ливадата пред споменикот се остава како избор на самите посетители: дали сакаат да останат на крајот од назначениот пат набљудувајќи ја ситуацијата, па да се вратат по истиот пат, или ќе одат по тревата право преку целта до споменикот, каде можат да ја анализираат долината низ изгубената леќа на објективот на Гордан Ледерер.
Објективот е скршен, во стаклените фрагменти се распознава мозаик, низ различните слики на долината на реката Уна, снимени при само едно и единствено случајно кршење на стаклото. Чистиот простор на ливадата пред леќата, го претставува маневарскиот простор, просторот на лоцирање на идеалниот агол за снимање. Погледот лизга преку стаклото и ги доловува глетките низ пукнатините на стаклото, така што посетителот се движи со поглед низ долината на изгубените глетки на Гордан Ледерер. Гледајќи пак од долината, споменикот се дематеријализира и станува само блесок во далечината.